Ново истражување — јајчниците не престануваат да функционираат по менопаузата, имаат важна улога
Сите знаеме што е менопауза – периодот кога женскиот репродуктивен систем престанува да ослободува јајце-клетки, па долго време се сметаше дека јајчниците практично престануваат да имаат важна функција.
Препорачано
Меѓутоа, репродуктивниот биолог Франческа Данкан смета дека таквото сфаќање е премногу поедноставено.
Таа се обидела да открие што се случува со јајчниците откако ќе престанат да произведуваат јајце-клетки. Се испоставило дека тие не се „пензионираат“, туку преземаат нова улога.
Со продолжувањето на животниот век, сè повеќе жени поминуваат голем дел од својот живот по менопаузата, а нивните тела науката сè уште не ги разбира во целост.
Нова студија на глувци, објавена во списанието „Молекулар хјуман репродакшн“, што ја спровела Данкан на Универзитетот Нортвестерн во Илиноис заедно со тим истражувачи од САД, покажува дека јајчниците не се неактивни по менопаузата.
Овие резултати се совпаѓаат со наодите од друга студија спроведена од Данкан на 28 жени во постменопауза, а која сè уште не ја поминала стручната рецензија. Во таа студија се покажало дека протеините што ги произведува ткивото на јајчниците се разликуваат кај жените од различни возрасни групи, пренесува „Саенс алерт“.
Доколку јајниците се навистина целосно „неактивни“ по завршувањето на репродуктивниот период, такви разлики не би постоеле.
Иако истражувањата врз глувци не можат целосно да објаснат што се случува во човечкиот организам, поради сличната еволутивна историја, тие можат да дадат важни насоки.
„Овие наоди ја оспоруваат претпоставката дека јајчниците се неактивни по завршувањето на репродуктивниот период. Наместо тоа, се чини дека тие стекнуваат имунолошки идентитет што може да има ендокрини и паракрини влијанија на стареењето на целиот организам“, заклучиле авторите.
Откритието би можело да има важно значење за здравствената заштита на жените по менопаузата, особено оние на кои јајчниците им се хируршки отстранети.


