Дезинформациите за перименопауза на социјалните мрежи ги изложуваат жените на ризик од несакана бременост
Дезинформациите што се шират на социјалните медиуми за перименопаузата ги изложуваат жените на ризик од несакана бременост, земање непотребни лекови и погрешно дијагностицирање, предупредуваат експертите.
Препорачано
Свеста за перименопаузата и третманите како што е хормонската заменска терапија е подигната благодарение на напорите на експертите, вклучително и документарецот од авторката Давина Мекол, објави „Гардијан“.
Меѓутоа, како што сè повеќе жени наидуваат на погрешни информации на социјалните мрежи, постојат стравувања дека некои може да бидат наведени на погрешни заклучоци што може да ги прикријат вистинските здравствени проблеми.
„Сите жени веруваат дека се во менопауза“, рекла консултантката за сексуално и репродуктивно здравје Паула Бригс, додавајќи дека сè помлади жени бараат хормонска заменска терапија кога им е потребна хормонска контрацепција, затоа што сè уште се плодни.
Таа посочила дека работи во службата за абортус и дека сега гледа сé повеќе жени постари од 35 години кои веруваат дека се во менопауза и се шокирани кога ќе забременат.
Според податоците на Британското здружение за менопауза (БМС), повеќе од 80 отсто жени влегуваат во менопауза до 54-годишна возраст, што значи дека немале менструација 12 месеци или подолго, при што околу пет отсто жени влегуваат во менопауза пред 45-тата година од животот.
Менопаузата, меѓутоа, не е нагло прекинување, туку жените доживуваат преоден период, познат како перименопауза, во текот на неколку месеци или години.


