Научниците открија — еве зошто комарците ги касаат некои луѓе повеќе од другите
Дали некогаш сте се запрашале зошто комарците секогаш ве напаѓаат токму вас, додека другите речиси целосно ги игнорираат?
Препорачано
Научниците сè подобро ја разбираат сложената комбинација на хемиски сигнали поради кои некои некои луѓе се попривлечни за овие крвопијци што пренесуваат болести.
„Тоа не е мит – комарците навистина повеќе ги привлекуваат некои луѓе отколку други“, рекол за АФП Фредерик Симар од Францускиот институт за развојни истражувања.
Но, додава тој, никој не е секогаш подеднакво привлечен за комарците.
Кога избираат жртва, комарците користат низа чувствителни сигнали, пред сè, мирисот на телото, топлината на кожата и јаглерод диоксидот што го издишуваме.
Ах, тој јаглерод диоксид
Женките комарци – единствените што касаат – користат многу чувствителни рецептори за да ги регистрираат овие сигнали и врз основа на нив да изберат цел.
„Повеќе од сто години знаеме дека комарците ги привлекува јаглерод диоксидот што го издишуваме. Тоа е првиот сигнал што го активира нивното однесување кога се оддалечени неколку десетици метри“, рекол шведскиот научник Рикард Игнел.
Кога ќе се приближат на десетина метри, тие почнуваат да го препознаваат човечкиот мирис, кој, во комбинација со јаглерод диоксидот, дополнително ја интензивира нивната привлечност кон одредена личност.
На помало растојание, важна улога имаат и телесната температура и влажноста на кожата.
Крвната група не е пресудна
Сепак, некои популарни теории не се потврдени од науката.
„Тврдењето дека комарците претпочитаат одредени крвни групи нема научна основа“, рекол Симард.
Тој додал дека претходните истражувања не пронашле ниту никаква поврзаност со бојата на кожата, очите или косата.
Од друга страна, мирисот на телото се покажал како клучен фактор.
„Коктелот од молекули што ги произведува нашата микробиота може да биде повеќе или помалку привлечен за комарците“, објаснил Симард.
Луѓето испуштаат помеѓу 300 и 1.000 различни мирисни соединенија, но научниците штотуку почнуваат да откриваат кои од нив се најпривлечни за комарците.
„Алкохол од печурки“
Во една неодамнешна студија, Игнел и неговите колеги пуштиле комарци од видот Aedes aegypti, познати по пренесување на денга и жолта треска, меѓу 42 жени за да утврдат кои поединци ги претпочитаат.
Тие откриле дека комарците реагираат на комбинација од најмалку 27 различни мирисни соединенија.
Жените кои комарците најчесто ги избирале – меѓу нив и трудници во второто тримесечје – произведувале поголеми количини на соединението настанато со разградувањето на себум, природната маст на кожата.
Станува збор за супстанција наречена 1-октен-3-ол, позната и како „алкохол од печурки“. Научниците биле изненадени што дури и мошне мало зголемување на нејзината концентрација значително ја зголемило привлечноста за комарците.
Пивото ве прави попривлечни
Повеќе истражувања покажале и дека консумирањето пиво може да го зголеми бројот на убоди од комарци.
Причината е што алкохолот ја зголемува телесната температура, ја зголемува количината на издишан јаглерод диоксид и го менува мирисот на кожата.
Во една студија во Буркина Фасо, доброволци во еден период пиеле пиво, а неколку дена подоцна вода, по што научниците ги следеле реакциите на комарците.
Комарците од родот Anopheles, преносители на маларија, почесто избирале луѓе кои пиеле пиво.
Слични резултати покажало и холандското истражување од 2023 година. Оние што пиеле пиво во претходните 24 часа биле 1,35 пати попривлечни за комарците од другите учесници.
Климатските промени го зголемуваат ризикот
Разбирањето на причината зошто комарците претпочитаат одредени луѓе станува сè поважно бидејќи климатските промени ги прошируваат областите каде што овие инсекти можат да преживеат.
На пример, тигрестиот комарец (Aedes albopictus), преносител на вирусот чикунгуња, се шири во нови области на Европа.
Минатата година, болеста чикунгуња првпат беше регистрирана и во францускиот регион Алзас.
„Овој ризик погодува сè поголем број луѓе“, предупредува Симард.


