Крвавење од нос/Фото: Weyo / Alamy / Profimedia

Кога крвавењето од носот на горештините е опасно и кога да се обратите кај лекар

Крвавењето од носот – епистакса, во лето може да биде резултат на различни фактори како што се сув воздух, дехидратација, алергии и изложеност на екстремни горештини. Комбинацијата од овие фактори може да доведе до сушење и пукање на чувствителните крвни садови во носните премини, што резултира со крвавења од носот.

Крварењето од носот е губење на крв од ткивото во носот, кое е целосно составено од крвни садови, затоа дури  и мала повреда на лицето може да доведе до крвавење од носот.

Ненадејните крвавења од носот можат да бидат алармантни, но во повеќето случаи не се причина за загриженост. Околу 90 отсто од крвавењата од носот е благо и обично само се повлекува, додека приближно 10 отсто може да бидат знак за сериозни проблеми.

Само честите или обилни крвавења укажуваат на здравствен проблем, кога е неопходна медицинска помош.

Предна и задна епистакса

Крвавењата од носот се делат на два вида:

Предно крвавење од носот – се дефинира како крвавење предизвикано од локални фактори како што се траума, вметнување предмет или прст, или сува слузокожа, поради фактот што крвните садови што го снабдуваат носот се наоѓаат приближно 1 сантиметар од ноздрата. Овие видови крвавења, кои генерално се поблаги и полесни за контрола, се најчестиот вид крвавење од носот кај општата популација. Кај предното крвавење од носот, крвавењето започнува од ѕидовите на двете ноздри. Во овој дел од носот има неколку чувствителни крвни садови.

Задно крвавење од носот – се јавува кога крвните садови во подлабоките делови на носот ќе пукнат. Овој дел од носот содржи гранки на артериите што го поддржуваат протокот на крв во носот. Кога овие артерии ќе пукнат, тоа може да предизвика обилно крвавење. Задното крвавење од носот обично се поврзува со здравствени проблеми како што се високиот крвен притисок или интракранијалните тумори, но и возраста. Може да биде посериозно и да биде потребна медицинска интервенција.

Влијанието на високите температури на крвавењето од носот

Сувиот воздух и топлото време создаваат совршена подлога за крвавење од носот.

Оваа комбинација ги дехидрира, односно ги суши носните премини и го зголемува протокот на крвта, правејќи ги нежните ткива поподложни на пукање и крвавење.

Исто така, телесната температура може да се зголеми поради жешкото време, треската, интензивното вежбање или дехидрацијата, поради што чувствителните крвни садови во носот стануваат покревки и склони кон пукање.

Дехидратацијата игра значајна улога тука, бидејќи телото губи влага, носните мембрани стануваат посуви, намалувајќи ја нивната способност да останат флексибилни и влажни. Поради тоа се посклони кон пукање, особено при кивање, дување на носот, дури и кога ќе се допре.

Следниот фактор е ширењето на крвните садови. Летната телесна топлина предизвикува ширење на крвните садови, зголемувајќи го протокот на крвта во носот. Овој вишок притисок ја зголемува веројатноста за пукање на ситните капилари во носните премини, што доведува до крвавење од носот.

Ефектот на клима-уредот

Клима-уредите го сушат воздухот и ја намалуваат влажноста на воздухот. Тоа може да предизвика сушење на носната слузокожа и чувствителност, како и пукање на површинските крвни садови. Како резултат на тоа, може да дојде до крвавење од носот.

За да се избегнат ваквите проблеми, просторијата треба повремено да се проветрува и да се одржува рамнотежата на влага.

Причини за крвавење од носот во текот на летото

Сув воздух – носните премини имаат влажна слузокожа што помага во задржувањето на прашината и иритантните материи. Меѓутоа, во текот на летото, пониските нивоа на влажност можат да ја исушат оваа слузокожа, правејќи ја посклона кон пукање и крвавење.

Жешко време – зголемените надворешни температури можат да ги прошират крвните садови и во носот. Кога овие проширени садови се изложени на каков било притисок, како што е чепкање на носот, пресилно дување на носот или дури напрегање за време на вежбање, тие можат да пукнат и да предизвикаат крвавење од носот.

Изгореници од сонце – дехидрацијата предизвикана од изгореници од сонце може да влијае на целото тело, вклучувајќи ги и носните премини.

Алергии – сезонските алергии можат да ја иритираат слузокожата на носот, што доведува до воспаленија и зголемен ризик од крвавење.

Пливање во базени со хлор – хлорот може да ја иритира и исуши носната слузокожа, особено кај луѓе со чувствителна кожа.

Патување со авион и надморска височина – промените во воздушниот притисок и надморската височина можат да предизвикаат ширење и стеснување на крвните садови во носот. Овие нарушувања заедно можат да предизвикаат крвавење од носот.

Директна повреда и иритација – во случај на повреда на лицето, слузокожата на носот се оштетува, што доведува до крвавење од носот. Честото дување или чепкање по носот може да ја наруши слузокожата, што е една од главните причини за крвавење од носот.

Кога треба да се обратите кај лекар поради крвавење од носот

Повеќето крвавења од носот се благи и престануваат сами од себе со правилен притисок. Меѓутоа, ако крвавењето трае подолго од 15 минути или е обилно, клучно е да побарате лекарска помош.

Кај лекар треба да се обратите и ако крвавењата од носот се чести, обилно или придружено со други симптоми како што се болка во лицето, треска или вртоглавица.

Како да спречите крвавење од носот во текот на летото

Крвавењата од носот во лето може да се спречат со преземање на неколку чекори:

Хидратацијата е клучна – пијте многу течности во текот на денот за да одржите добра хидрираност на телото и носните премини. Општо упатство е да пиете осум чаши вода дневно. Меѓутоа, индивидуалните потреби може да варираат во зависност од нивото на активност, климата и општата здравствена состојба.

Луѓето кои многу се потат за време на вежбање или живеат во жешки, суви клими, мора да пијат уште повеќе за да останат соодветно хидрирани.

Навлажнување на воздух – користете овлажнувач на воздух дома, особено ноќе, за да се додаде влага во воздухот и да се спречи сушење на носните патишта.

Ограничете го времето на сонце – треба да избегнувате продолжено изложување на сонце, особено во најтоплите часови од денот.

Лекувајте ги алергиите – разговарајте со вашиот лекар за лекови за алергии.

Избегнувајте иританси – ограничете ја изложеноста на чад, прашина и други иританси во воздухот.

Избегнувајте чепкање на носот или премногу силно дување.

Користете спреј со физиолошки раствор – за навлажнување на носните патишта.

Дали постои максимална надворешна температура што може да биде смртоносна за човечкиот организам?

Еве зошто да не користите вентилатор за време на топлотен бран, станува опасен над 35 степени

Нутриционистка откри што не треба да јадете за време на топлотен бран — сладоледот е меѓу најголемите изненадувања

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот