ТЕЦ „Осломеј“, фото: Wikimedia / Kiril Stoimenovski

„Еко-свест“: Депониите на „Осломеј“ содржат опасни метали кои продираат во почвата и во подземните води

Термоелектраната „Осломеј“ во кичевскиот регион е втор по големина електроенергетски капацитет во државата. Произведува струја од 1980 годинa, но е застарен капацитет чие производство ги чини скапо луѓето и животната средина, реагираат од еколошката организација „Еко-свест“.

Оттаму посочуваат дека, со децении работа, „Осломеј“ оставила и огромни депонии со пепел и јаловина, кои според еко-активистите се извор на прашина и потенцијална контаминација на почвата и водите.

„Ова е уште еден потсетник дека последиците од користењето јаглен траат многу подолго од неговото согорување“, забележуваат од „Еко-свест“.

Оттаму велат дека има повеќе ризици по зравјето, а меѓу нив се тешките метали.

„Пепелта содржи висока концентрација на опасни метали кои преку дождовите продираат во почвата и во подземните води. Понатаму, радиоактивност – истражувањата потврдуваат зголемена радиоактивност во депонираната пепел, што претставува сериозен долгорочен ризик за здравјето на населението“, посочуваат тие.

Воедно, го нагласуваат и загадувањето на воздухот. При најмал ветер, велат тие, оваа ситна прашина се разнесува низ целиот регион, завршувајќи директно во белите дробови на граѓаните.

„За Кичево и регионот, праведната транзиција кон чиста енергија не е само политичко прашање – тоа е прашање на право на здрав живот и право на здрава животна средина“, констатира „Еко-свест“.

Организацијата периодов континуирано алармира за јаловиштата и депониите од стари индустриски објекти и рудници, кои преку серија истражувања се ставени во групата на „жешки еколошки точки“ на Македонија. Меѓу нив се и депониите од некогашниот рудник „Лојане“, за кој неодамна пишуваше и „Слободен печат“, како и токсичните остатоци од работата на „Саса“, „Злетово“, ОХИС, од Топилницата во Велес и оние од „Југохром“.

Владата ќе бара нов концесионер за „Лојане“, откако стариот си замина без да ги исчисти отровите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот