Австрија ја започнува најголемата реформа на здравството во последните децении
Австрија постигна политички договор за сеопфатни реформи, при што најголеми промени се планирани во здравството, со цел подобра организација на системот, пократки листи на чекање и поефикасно користење на јавните средства, без намалување на квалитетот на здравствената заштита.
Австриската федерална влада, покраините и општините по повеќечасовни преговори постигнаа политички договор за најавената реформа на јавниот сектор, со посебен акцент на здравствениот систем.
Препорачано
По 13-часовни разговори, коалицијата предводена од Народната партија, Социјалдемократската партија и НЕОС соопшти дека е направен важен чекор кон подобра организација на државата, поефикасно користење на јавните средства и подобра достапност на услугите за граѓаните.
Покрај здравството, договорот опфаќа промени во образованието, енергетиката и на јавната администрација, а целта е реформите да бидат спроведени до крајот на 2026 година.
Здравството во центарот на реформите
Најголемиот дел од договорот се однесува на здравствениот систем, кој со години се соочува со растечки трошоци, долги листи на чекање и со недоволна координација меѓу институциите.
Владата смета дека постојниот модел не овозможува доволно ефикасно користење на средствата, бидејќи одговорностите се поделени меѓу федералната власт, покраините и социјалното осигурување. Покраините управуваат со болниците преку средства што ги добиваат од федералниот буџет, додека, пак, социјалното осигурување ја финансира работата на матичните лекари и на специјалистите во амбулантската здравствена заштита.
Според експертите, токму оваа поделба создава преклопување на надлежностите и недоволна координација, што резултира со нерамномерно распределување на ресурсите и со дополнителни финансиски оптоварувања.
Новата реформа треба да овозможи подобро планирање на лекарските места, болничките капацитети и на здравствените услуги на подолг рок, наместо досегашното планирање за период од пет години. Намерата е плановите однапред да се подготвуваат за 15 години, со што здравствениот систем полесно би се приспособувал на демографските промени и на растечките потреби на населението.
Владата признава дека трошоците нема да се намалуваат бидејќи современите медицински технологии и стареењето на населението природно водат кон повисоки расходи, но очекува растот на тие расходи да биде подобро контролиран.
Нови здравствени центри и можни промени за пациентите
Еден од клучните елементи на реформата е значителното проширување на примарната здравствена заштита.
Планот предвидува до 2040 година во Австрија да функционираат најмалку 600 центри за примарна здравствена заштита. Освен постојните приватни ординации и групни практики, се планира отворање и на поголеми специјалистички здравствени центри кои би презеле дел од работата што денес ја извршуваат болничките амбуланти. Со тоа би се намалил притисокот врз болниците, каде голем број пациенти денес добиваат услуги што можат да се обезбедат и надвор од болнички услови, по пониска цена.
Во текот на преговорите се разгледувале и идеи за воведување појасно дефинирани правила за упатување и за лекување. Тоа би можело да значи дека пациентите во иднина прво ќе мора да посетат матичен лекар пред да бидат упатени кај специјалист или претходно да се јават на здравствената телефонска линија 1450.
Сепак, овие мерки засега остануваат предмет на дополнителни разговори и нема конечна политичка одлука. Исто така, не се објавени сите детали околу најавеното формирање национална институција која би ја координирала финансиската поддршка за трансформацијата на здравствениот систем, бидејќи токму финансирањето било едно од најспорните прашања во преговорите.
Пошироки промени во образованието и во администрацијата
Покрај здравството, реформскиот пакет опфаќа и значајни промени во образованието.
Предвидено е воведување единствени национални стандарди во предучилишното образование, како и зајакнување на улогата на образовните дирекции кои во иднина треба да управуваат со наставниот и со стручниот кадар во училиштата.
Владата најавува и поголема автономија за училиштата, со цел полесно управување со човечките ресурси и подобро приспособување кон локалните потреби.
Во енергетиката се предлага укинување на условот за двотретинско мнозинство при одредени законски измени, иако за тоа ќе биде потребна соодветна поддршка во парламентот.
Истовремено се планира усогласување на прописите за заштита на младите на национално ниво, област која досега беше различно регулирана во секоја покраина.
Kанцеларот Кристијан Штокер оцени дека постигнатиот компромис претставува важна основа за понатамошната работа, додека, пак, претставниците на покраините нагласија дека станува збор за почеток на долгорочен процес.
Иако многу детали допрва треба да бидат разработени и законски прецизирани, властите сметаат дека договорот отвора можност за подобро координиран и поефикасен јавен сектор, со посебен акцент на здравството, каде што граѓаните очекуваат пократки рокови за лекување, подобра достапност на услугите и поодговорно користење на јавните средства.


