Дали сокот од брусница навистина помага кај уринарните инфекции — што е мит, а што факт?
Пиењето сок од брусница е популарен домашен лек за превенција од инфекции на уринарниот тракт (ИУТ), но неговата вистинска делотворност е посложена од популарното верување. Иако брусницата содржи соединенија кои можат да спречат бактериите да се лепат на ѕидовите на мочниот меур, истражувањата покажуваат дека додатоците во исхраната со концентриран екстракт често се поефикасни од самиот сок. Соодветниот внес на течности и редовното мокрење се клучни за спречување и ублажување на симптомите, пишува „Хелт“.
Препорачано
Влијанието на брусницата на уринарниот систем
Клучните состојки заслужни за дејството на брусницата се проантоцијанидините (PAC). Овие соединенија ја обвиткуваат слузокожата на уринарниот систем со лизгав слој, што на бактериите им го отежнува задржувањето и предизвикувањето инфекциии и го олеснува нивното исфрлање од телото.
Меѓутоа, за да се постигне овој ефект, потребна е доволна концентрација на PAC, кој сокот од брусница често не го содржи. Поради тоа додатоците во исхраната се сметаат за посигурен избор. Иако истражувањата за делотворноста на додатоците во исхраната сè уште се во тек, некои студии сугерираат дека тие можат да ја намалат зачестеноста на уринарни инфекции.
Од друга страна, дел од истражувањето не покажало значителна корист кај групи кои се особено склони кон инфекции, како што се постарите лица, жителите на домови за стари и немоќните, како и лицата со повреди на ‘рбетниот мозок кои влијаат на контролата на мочниот меур.
Можни ризици и мерки на претпазливост
Производите од брусница не смеат да ги користат сите луѓе. На пример, оние што страдаат од интерстицијален циститис, болна состојба на мочниот меур, може да доживеат влошување на симптомите поради киселоста на брусницата. Ако симптомите на уринарна инфекција се влошат по земањето брусница, треба да престанете да ги користите и да се консултирате со лекар.
Посебна претпазливост се препорачува за луѓе кои земаат варфарин, лек за разредување на крвта. Брусницата може да го зголеми нејзиниот ефект и со тоа да го зголеми ризикот од модринки или крвавење.
Исто така, важно е да се има предвид дека комерцијалните сокови од брусница често содржат големи количини на додаден шеќер за да ја ублажат природната трпкост на овошјето, што може да има негативно влијание врз целокупното здравје.
Препорачани дози и како да изберете препарат
Истражувањата сугерираат дека дневниот внес од 2,3 до 2,9 децилитри сок од брусница може да придонесе за превенција. Студија од 2016 година покажала дека жените кои пиеле 2,3 децилитри сок дневно во текот на 24 недели имале помал број уринарни инфекции.
Ако одлучите да земате додатоци во исхраната, се препорачува да ги барате оние што содржат најмалку 36 милиграми PAC по доза, што се смета за клинички релевантна количина. Многу препарати содржат и Д-маноза, едноставен шеќер кој исто така може да помогне во спречувањето и лекувањето на инфекции.
Пред да земете какви било додатоци во исхраната, вклучително и оние на база на брусница, важно е да се консултирате со лекар. Иако генерално се сметаат за безбедни, пазарот на додатоци во исхраната е слабо регулиран. Студија од 2018 година покажала дека дури 776 различни додатоци во исхраната содржат неодобрени состојки.
За да бидете сигурни во квалитетот на производот, побарајте сертификати од независни лаборатории како што се USP Verified Mark или NSF. Овие ознаки гарантираат дека производот навистина ги содржи состојките наведени на пакувањето во правилни количини.
Други мерки за самопомош
Покрај препаратите од брусница, постојат и голем број други чекори што можете да ги преземете за ублажување на симптомите и спречување на идни инфекции. Ако лекарот ви препишал антибиотици, клучно е да ја земете целата доза до крај, дури и ако симптомите исчезнат порано, за да се спречи развој на отпор на бактериите.
Одржувајте добра хигиена. Гениталната и аналната регија мијте јасо чиста вода, особено пред и по сексуалниот однос. Избегнувајте агресивни и парфимирани хигиенски производи и плакнење на вагината, бидејќи тие можат да ја нарушат природната пХ рамнотежа и да го зголемат ризикот од инфекции.
Пијте многу вода, идеално два до четири литри на ден, за да го поттикнете плакнењето на бактериите од уринарниот тракт. Истовремено, обидете се да го ограничите внесувањето алкохол и кафе, кои можат да го иритираат мочниот меур и да ги влошат симптомите.
Редовно празнете го мочниот меур и не задржувајте ја урината долго време. Мокрењето пред и по сексуалниот однос исто така може да помогне во превенцијата. По извршувањето нужда, секогаш бришете се од напред кон назад за да спречите пренесување на бактерии од аналната регија кон мокрачната цевка (уретрата).


