Фото: Приватна архива

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Домашна пица маргарита

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес – домашна пица маргарита.

Фото: Приватна архива

– Нема поубаво чувство од мирисот на свежо испечена пица што се шири низ целиот дом. Крцкава кора, тенко и воздушесто тесто, богат сос од домати, растопена моцарела и свеж босилек – токму во едноставноста се крие совршенството на вистинската маргарита. Овој рецепт ќе ви помогне лесно да подготвите домашна пица со вкус како од италијанска пицерија – порачува Бобе.

Фото: Приватна архива

Состојки за тестото:

– 800 грама брашно
– 300 мл вода
– 10 грама свеж квасец
– 1 мала лажичка сол
– 1 лажица шеќер
– 1 лажица маслиново масло

За филот:

– 250 грама изблендирани долгнавести домати (пелати)
– 250 грама моцарела
– Дваесетина свежи листови босилок

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Во сад измешајте ги водата, квасецот, шеќерот, маслиновото масло и солта, а потоа постепено додавајте го брашното и замесете меко, еластично тесто. Покријте го со кујнска крпа и оставете го да нарасне најмалку 30 минути. Стасаното тесто поделете го на пет еднакви дела и оформете топчиња. Наредете ги на набрашнета површина, покријте ги и оставете ги повторно да стасуваат околу 1 час. Доколку пиците ги подготвувате подоцна, лесно премачкајте ги со масло, покријте ги со стреч-фолија и чувајте ги во фрижидер.

Секое топче развлечете го во круг со дијаметар од околу 24 см. Не премесувајте го тестото – само нежно притискајте со прстите од средината кон рабовите, така што ќе остане малку подебел раб. Премачкајте со сосот од домати, распоредете ја моцарелата и додадете неколку листови свеж босилек. Пицата ставете ја во намастена тава или врз хартија за печење.

Печете во претходно загреана рерна на 250 степени околу 10 минути, додека кората не стане златна и крцкава, а сирењето совршено растопено. Послужете ја веднаш, додека е топла, со неколку капки маслиново масло. Уживајте во секое парче и во мирисот што ќе го исполни вашиот дом.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

 

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Бела торта со јагоди

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Џем од кајсии

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот