ФОТО+ВИДЕО | Југо од 1989 година се продава за повеќе од 10.000 евра во Велика Британија
Автомобилот кој некогаш беше симбол на секојдневието на Балканот, денес достигнува цена достојна за колекционерски примерок. Редок модел на „Застава Југо 45А“ од 1989 година моментално се продава во Велика Британија за 8.995 фунти, односно околу 10.500 евра.
Препорачано
Станува збор за исклучително зачуван примерок кој од фабрика има поминато околу 27.200 километри.
Автомобилот е во оригиналната фабричка боја „Cannes Blue“, а продавачот наведува дека каросеријата е во извонредна состојба, без корозија и без видливи поправки на фабричките панели. Единствени забележливи недостатоци се мала вдлабнатина на покривот и благо оштетување на стаклото од ретровизорот на возачката страна.
Посебно внимание привлекува фактот што се зачувани оригиналните регистарски таблици од дилерот, фабричките налепници на стаклата, како и информативните ознаки поставени уште при испораката на возилото.
Внатрешноста исто така е речиси недопрена од времето. Сивите платнени седишта покажуваат минимални знаци на користење, а во кабината сè уште е вграден оригиналниот касетофон „Philips AC648“. Зачуван е и комплетниот фабрички алат.
Под хаубата се наоѓа четирицилиндричен мотор со зафатнина од 903 кубни сантиметри и моќност од 45 коњски сили. Автомобилот развива максимална брзина од околу 137 километри на час, а вниманието го привлекува и натписот „Made in Yugoslavia“ (во превод: Направено во Југославија), кој и денес стои на моторниот простор.
Во мај 2026 година на автомобилот му бил направен голем сервис, освежен е системот за гориво и целосно се ремонтирани сопирачките. Дополнително, поставени се пет нови гуми „Јуниројал“, вклучувајќи ја и резервната.
Овој Југо бил продаден како нов на 1 август 1989 година во британскиот град Ридинг преку официјален застапник на „Застава“. Со автомобилот доаѓа и богата документација која вклучува сервисна историја, сметки за одржување, фабрички брошури, упатства и оригинални документи од периодот кога моделот бил нов на пазарот.
Британскиот продавач го опишува како „редок примерок“ и „совршен класик за оние кои сакаат да бидат поинакви“, додавајќи дека неговиот иден сопственик сигурно ќе биде во центарот на вниманието на автомобилските собири.
ФОТО+ВИДЕО | Легендарното „југо“ се враќа како хибриден автомобил со цена од околу 12.000 евра


