Кралот Чарлс конечно ќе ги види внуците? Хари и Меган во јули пристигнуваат во Лондон со Арчи и Лилибет
Принцот Хари и Меган Маркл во текот на јули се очекува да пристигнат во Велика Британија заедно со нивните две деца, седумгодишниот Арчи и петгодишната Лилибет, пренесува „Би-би-си“. Ова ќе биде првпат по цели четири години војводата од Сасекс, кој моментално живее во Калифорнија, да ја посети својата татковина заедно со целото семејство.
Препорачано
Поводот за посетата е одбележувањето на една година до почетокот на игрите „Invictus“, кои следната година ќе се одржат во Бирмингем, а чиј основач е токму принцот Хари.
Засега сè уште не е потврдено дали кралот Чарлс Конечно ќе се сретне со своите внуци, кои последен пат ги видел во 2022 година за време на платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета.

Односите меѓу таткото и синот почнаа полека да се затоплуваат по нивната последна средба лани во Лондон, што јавноста ја оцени како прв чекор кон надминување на длабокиот семеен јаз.
Главниот предизвик за ова патување останува безбедноста. Откако се повлече од кралските должности во 2020 година, на Хари му беше укинато полициското обезбедување во Британија. Иако тој претходно изјавуваше дека не се чувствува безбедно да ги донесе децата без соодветна заштита, владини извори пренесуваат дека безбедносните аранжмани за оваа посета моментално се под ревизија.

Зошто настана големата кралска расправија?
За потсетување, големиот семеен раздор започна во 2020 година со таканаречениот „Мегзит“, кога парот донесе шокантна одлука да се повлече од сите кралски должности и да се пресели во Америка. Односите целосно се заладија по нивното славно интервју кај Опра Винфри, каде што јавно ја обвинија палатата за студенило и расизам, а дефинитивниот прекин на комуникацијата се случи по објавувањето на мемоарите на Хари под наслов „Резерва“ (Spare).

Во книгата, принцот изнесе серија брутални детали за кралското семејство, вклучувајќи ги тврдењата дека неговиот брат Вилијам физички го нападнал за време на расправија, како и детали за лошиот однос со нивната маќеа, кралицата Камила. Токму затоа, оваа најавена посета сега се смета за прв сериозен чекор кон долгоочекуваното семејно помирување.
Утре излегува „Резерва“: Сите скандали кои принцот Хари ги откри досега


