Утре излегува „Резерва“: Сите скандали кои принцот Хари ги откри досега

Мемоарите на принцот Хари / Фото: EPA-EFE/ANDY RAIN

Принцот Хари најави „неверојатни откритија“ во неговата книга „Резевра“ („Spare“), која официјално ќе биде објавена утре, пишува „Гардијан“.

Откако, по грешка, книгата беше објавена во Шпанија неколку дена порано, голем број извадоци беа објавени во медиумите ширум светот.

Според објавите, Хари пишува за влошената врска со неговиот брат Вилијам, за тагата поради смртта на неговата мајка Дијана, па дури и за губењето невиност на 17-годишна возраст.

Престолонаследник и резерва

„Принцот Вилијам беше престолонаследникот, а јас бев резервата“, пишува Хари во книгата, според објавите во медиумите. Хари бил „сенката, поддршката, планот Б“ и верува дека „пристигнал на овој свет во случај нешто да се случи“.

Кога имал 20 години, принцот Хари дознал дека татко му, кралот Чарлс, ѝ кажал една многу непријатна реченица на мајка му, принцезата Дијана, на денот кога тој се родил. Според напишаното во книгата, кралот Чарлс ѝ рекол на принцезата Дијана: „Прекрасно! Сега ми дадовте наследник и ‘резерва’ – мојата работа е завршена“.

„Многумина тоа го доживееа како шега“, пишува Хари. Но, кратко потоа „Чарлс заминал да се види со својата девојка“.

Кралот Чарлс, принцезата Дијана и принцот Хари
Кралот Чарлс, принцезата Дијана и принцот Хари – еден ден по неговото раѓање / 16 септември 1984 / Фото: John Shelley Collection / Avalon / Profimedia

Авганистан

Во сосема неочекувано признание, принцот Хари откри дека убил 25 талибански борци за време на неговата воена служба во Авганистан. Тој го знае точниот број жртви бидејќи се водела прецизна евиденција за сѐ.

„Значи, мојот број е 25. Тоа не е бројка што ме исполнува со задоволство, но не ме ни срами“, пишува тој, според преводот на „Тајмс“ од шпанското издание на книгата.

Но, за да може да убива, му било важно да не ги доживува борците како луѓе, туку „како шаховски фигури кои треба да бидат отстранети од таблата“.

Принцот Хари во Авганистан / 2 јануари 2008 / Фото: EPA/JOHN STILLWELL / POOL

Сопругата на кралот

Вилијам и Хари му рекле на својот татко дека нема да му застанат на патот на неговата врска со Камила, но го молеле да не се ожени со неа. Вилијам чувствувал „огромна вина“ за „другата жена“ во која „долго се сомневал“. Вилијам бил „збунет“, а кога неговите сомнежи биле потврдени, почувствувал „вина“ што не рекол или направил нешто порано.

Запознавањето со Камила Паркер било како „инјекција“. „Затворете ги очите и ништо нема да почувствувате“, пишува Хари во мемоарите. Принцот Хари тврди дека на Камила ѝ било „досадно“ за време на нивната прва средба, додавајќи го фактот дека тој бил „резервата“, а не „важниот престолонаследник“.

Принцот Хари се прашувал дали таа ќе биде како „злобните маќеи од бајките“, но се покажало дека не е. Но, како што пишува тој, Камила почнала да развива долготрајна стратегија…. целела кон брак, и на крајот – круната.

Камила Паркер и принцот Хари / 12 ноември 2008 / Фото: EPA/STR

Принцот од Велс

Едно од највпечатливите тврдења во книгата е дека Вилијам физички го нападнал Хари во Кензингтонската палата, по бурна расправија поради Меган Маркл во 2019 година. Вилијам ја нарекол „тешка, груба и бесчувствителна“, по што нивната расправија ескалирала.

„Сè се случи многу брзо. Ме фати за јаката, ми го скина ланчето и ме собори на под. Паднав на садот за кучето, кој се скрши под мојот грб. Лежев зашеметен, а потоа станав и му реков да излезе“, стои во книгата.

Принцот пишува дека неговиот брат го повикал да возврати, како што правеле кога биле деца, но Хари одбил.

Подоцна Вилијам се вратил, со цел да му се извини. Хари му дал чаша вода и му рекол: „Вили, јас не можам да зборувам со тебе кога си ваков“, користејќи го името на миленикот на Вилијам. Вилијам на тоа му одговорил: „Не сакав да те нападнам, Харолд“, користејќи го името на миленикот на Хари.

Хари пишува дека Вилијам го замолил да не ѝ кажува на Меган за инцидентот. Првично, Хари зборувал за тоа само со неговиот психолог, но и Меган му ги забележала модринките на грбот.

„Таа беше неверојатно тажна“, пишува тој.

Хари се надевал дека неговото семејство ќе ја разбере неговата одлука да си замине од Велика Британија. Тој пишува и за средбата со Чарлс и Вилијам на погребот на принцот Филип. Ниту татко му, ниту брат му не покажале разбирање за него.

Принцот Хари и принцот Вилијам / 10 ноември 2019 / Фото: EPA-EFE/ANDY RAIN

Принцезата Дијана

Траумата од смртта на неговата мајка е прилично опиплива додека Хари детално го опишува нејзиното влијание врз него и неговата борба да се помири со големата загуба.

Во книгата, Хари се присетува на моментот кога татко му му ја соопштил тажната вест, велејќи му: „Мој драг сине, мама имаше сообраќајна несреќа“. Според „Сан“, Хари тврди дека Чарлс не го прегрнал.

Години подоцна, Хари посетил јасновитка, која му кажала дека може да му пренесе порака од Дијана, велејќи му: „Ти го живееш животот што таа не можела да го живее. Ти го живееш животот што таа го посакувала за тебе“.

Фото: Инстаграм

Секс и дрога

Од губење невиност со повозрасна жена, па сѐ до консумирање кокаин во неговата младост – Хари не ги штеди читателите од детали.

Жената, која е неименувана во книгата, го третирала како „млад пастув“. „Бргу ѝ се качив, по што таа ме удри по задникот и ме испрати“, пишува тој, а пренесува „Дејли мејл“.

Тој првпат пробал кокаин на 17 години, пушел канабис во градината на Кензингтонската палата и во елитното училиште Итон, а консумирал и психоделици низ годините, нешто што му овозможило да ја види „вистината“.

Исто така, тој пробал магични печурки и се опил со текила во 2016 година, поради што почнал да халуцинира.

Принцот Хари и пријателите играат игри со пиење алкохол / 22 ноември 2006 / Фото: © / Exclusivepix / Profimedia

Нацистичка униформа

Одлуката на Хари да носи нацистичка униформа со свастика на забава во 2005 година предизвика бес во јавноста. Но, според „Пејџ сикс“, Хари тврди дека тој им се јавил на Вилијам и на Кејт и ги прашал што да облече – пилотска или нацистичка униформа. Тие му одговориле – второто. И двајцата се смееле кога тој ја пробал униформата пред нив.

Хари, исто така, пишува дека кога бил критикуван затоа што го нарекол кадетот од пакистанската армија – „Паки“, тој не знаел дека тоа е навреда.

Насловната страница на весникот „Сан“ со принцот Хари и неговата скандалозна нацистичка униформа / 13 јануари 2005 / Фото: JIM WATSON / AFP / Profimedia

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот