Џејмс Гандолфини - Фото: HOME BOX OFFICE (HBO) / Album / Profimedia

Од телохранител во ноќни клубови до улогата на Тони Сопрано — 13 години без Џејмс Гандолфини

Постојат актери кои се паметат по улоги и постојат актери кои стануваат улогата. Џејмс Гандолфини припаѓа на таа втора, ретка категорија. За светот тој засекогаш ќе остане Тони Сопраномафијашкиот бос од Њу Џерси.

Токму денес се потсетуваме на него, на годишнината од неговата смрт. На 19 јуни 2013 година, Гандолфини ненадејно почина во Рим, на само 51-годишна возраст. Веста тогаш одекна како шок низ целиот свет, не само затоа што замина голем актер, туку затоа што замина човек кој многумина го опишале како добар, доблесен човек.

Од Њу Џерси до актерството

Џејмс Џозеф Гандолфини Јуниор е роден во 1961 година во Њу Џерси, во семејство со италијанско потекло. Израснал во работничко семејство, а откако завршил средното образование, Гандолфини студирал комуникации на Ратгерс универзитет во Њу Џерси, каде што првпат почнал посериозно да се интересира за актерството. Иако не тргнал директно кон сцената, токму таму се случил пресвртниот момент, по неколку студентски театарски активности сфатил дека глумата е нешто што го привлекува многу повеќе од класичната академска насока, како што се наведува во неговата биографија.

Сепак, неговиот пат кон актерството не бил ниту брз, ниту директен. По факултетот работел различни работи – од обезбедување во ноќни клубови до физички работи – пред конечно да почне да посетува актерски часови во Њујорк. Токму тој „обичен“, работнички период подоцна ќе стане клучен за неговиот стил на глума.

Првите филмски улоги во 90-тите му биле споредни, а во филмовите „True Romance“ (1993) и „Get Shorty“ (1995), веќе се наѕира актер кој може да изгледа брутално додека е скршен одвнатре.

Џејмс Гандолфини – Фото: HOME BOX OFFICE (HBO) / Album / Profimedia

Тони Сопрано – лик што ја промени телевизијата

Со доаѓањето на серијата „Сопранови“ (ХБО, 1999–2007), телевизијата доби нов јазик. Како што пишува „Гардијан“, Гандолфини го претвори Тони Сопрано во еден од најсложените телевизиски ликови некогаш создадени – човек во постојан психолошки распад одбегнувајќи го класичниот криминален архетип.

Она што ја направи улогата историска е двојноста. Тони е истовремено доминантен мафијашки шеф, посветен сопруг и татко, но и анксиозен пациент што крие дека оди на психијатар.

Интересни факти за Џејмс Гандолфини

– Долго се двоумел дали да ја прифати улогата на Тони Сопрано, улогата ја сметал за мрачна
– Често импровизирал говор на телото, како паузи, погледи и движења што не биле во сценариото.
– На снимањата на „Сопранови“, според повеќе интервјуа и продукции опишани во „Венити фер“, знаел да „остане во ликот“ и по завршување на сцените;
– Одбивал голем број холивудски улоги за да не биде запаметен како „мафијашки актер“;
– Финансиски им помагал на колеги и членови на екипата од „Сопранови“;
– И покрај славата, избегнувал јавни појавувања и црвени теписи;

Џејмс Гандолфини – Фото: EPA/WARREN TODA

Скромноста, внатрешните борби и крајот

И покрај глобалната популарност, Гандолфини остана дистанциран од холивудската машинерија. Важел за резервиран и често избегнувал јавна експонираност. Но, тежината на ликот оставила трага бијдеќи ликот на Тони Сопрано е предизвикувачка улога која бара постојано емоционално отворање и влегување во мрачни психолошки состојби.

Во јуни 2013 година, Џејмс Гандолфини отпатувал во Рим со својот син. Патувањето било замислено како краток приватен одмор и враќање кон корените. На 19 јуни 2013 година, додека бил во хотелска соба, доживеал срцев удар на 51-годишна возраст. Како што објавија италијанските и американските медиуми, неговиот син бил со него во моментите пред пристигнувањето на медицинската помош, што дополнително ја засили трагичната димензија на настанот.

Неговата смрт означи и крај на една телевизиска ера. За многумина, тоа беше чувство дека заминал лик кој одамна ја надминал фикцијата и станал дел од колективната култура.

Влијание кое ќе се памети

И повеќе од цела деценија од финалето на „Сопранови“ и тежината на карактерот Тони Сопрано,  таа останува едно од највлијателните дела во историјата на телевизијата. Како што пишува „Њујоркер“ во повеќе свои ретроспективи за развојот на современата телевизиска драма, особено во анализите за тоа како се формираше т.н. „престиж телевизија“, сериите како „Сопранови“, „Нарко-мрежа“ (The Wire) и подоцна „Безумни Мажи“ (Mad Men) го означија моментот кога телевизијата почна да се третира како сериозна уметничка форма, рамноправна со филмот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот