Одбојкарите славеа против Косово за трета победа во Европската лига
Денеска најдобрата македонска машка одбојкарска репрезентација предводена од селекторот Јошко Миленкоски го забележа третиот триумф во Европската лига.
Препорачано
Во првиот меч од последниот трет турнир во Приштина, нашите одбојкари славеа против репрезентацијата на Косово со 3:0 во сетови.
Првиот сет го добивме најубедливо со 25:12, бевме подобри и во вториот со 25:19, а третиот сет донесе најмногу возбудувања.
Домаќинот во текот на третиот сет трипати имаше предност од шест поени разлика (13:8, 14:8, 15:9), беше и блиску до намалување во сетови откако на семафорот стоеше 23:18 водство за Косово, но потоа следуваше серија од пет поени на македонските репрезентативци за израмнување.
Косовските играчи дојдоа и до сет топка при 24:23, па уште една при 25:24, но и двете не ги реализираа, па следуваше казната од македонските одбојкари кои направија пресврт за триумф.
Најефикасен во нашата селекција беше Н. Ѓоргиев со 15 поени, следен од Илиев со 11, а Савовски запиша осум поени. Македонија моментно е на 15 позиција на табелата во Европската лига, а настапот ќе го заврши в сабота со мечот против Израел од 20.00 часот.


