Косово и Израел се следните ривали на одбојкарите во Европската лига
Последните два натпревари од Европската лига 2026, машката одбојкарска репрезентација ги игра денеска и утре, во Приштина, Косово, каде покрај домаќинот се соочува и со селекцијата на Израел.
Препорачано
Македонија во третиот викенд од годинешното издание влегува со скор од две победи (Луксембург и Исланд) и два порази (Холандија и Грција).
По комплетирањето на првите два турнири во генералниот пласман одбојкарите се во средината на табелата, 18 место со ист број на бодови, шест, како и Летонија, Хрватска, Словачка, Унгарија и Црна Гора.
Новите предизвици пред тимот на Јошко Миленкоски велат дека Македонија е фаворит, денеска (20.00 часот) против домаќинот Косово, додека во утрешниот дуел таквата улога ја превзема Израел со кој се соочивме и во минатогодишното издание од Европската лига, а со овој противник ќе се сретнеме и во групната фаза од ЕвроВолеј 2026 во Софија.
– Четири натпревари во кои имаме две победи и два порази се зад нас. Со сите промени во составот и подмладувањето на репрезентацијата, мислам дека од натпревар во натпревар играме се подобро и полека влегуваме во посакуваниот ритам. Сметам дека покажавме карактер и добра игра против силни селекции како Холандија и Грција. Сега целосно сме фокусирани на натпреварите со Косово и Израел. Без оглед на ранкингот и името на противникот, на секој натпревар приоѓаме со максимална сериозност. Работиме на нашата игра и на тоа да го дадеме максимумот на теренот. Верувам дека со добра тимска игра ќе дојдеме до позитивни резултати и на овој турнир – вели либерото Филип Јованов, кој од оваа акција е ново име во националниот тим, но одлично се вклопи во екипата.


