Меган Маркл алармира за опасностите: Социјалните мрежи поттикнуваат анорексија и депресивни мисли кај младите
Меган Маркл предупреди дека социјалните мрежи можат да имаат сериозни последици врз менталното и физичкото здравје на децата и младите, особено кај девојчињата, кои сѐ почесто се изложени на содржини што поттикнуваат нарушувања во исхраната, вклучително и анорексија, пренесува „Телеграф“.
Препорачано
Сопругата на Принцот Хари одржа говор во Женева, Швајцарија, на отворањето на спомен-обележјето посветено на децата кои ги загубиле животите поради штетното влијание на содржините на интернет. Таа истакна дека алгоритмите и опасните содржини на социјалните мрежи ги „обликуваат“ младите, туркајќи ги кон штетни модели на однесување што самите не ги барале.
„Децата денес се обликувани од системи создадени да го задржат нивното внимание по секоја цена – преку немилосрдни алгоритми, манипулативна вклученост и постојана изложеност на штетна содржина што тие воопшто не ја бараат“, изјави Маркл.
Таа наведе пример со млада и спортски активна девојка која на интернет барала здрави рецепти и совети за правилна исхрана, но наместо тоа ѝ биле прикажувани видеа и содржини што промовираат искривена слика за телото и анорексија.
Маркл ја спомена и девојката по име Кејти, која со месеци била хоспитализирана поради тешко пореметување во исхраната, предизвикано од содржините што ги следела на социјалните мрежи. Нејзиното семејство, како што рече, гледало како нивната „енергична и весела ќерка одеднаш станува сериозно болна поради мрежите на кои секојдневно се најавувала“.
Во својот говор таа се осврна и на случајот на Мејсон, тинејџер кој починал по љубовно разочарување, откако платформите на социјалните мрежи, според нејзините зборови, „ја искористиле неговата болка“ и му нуделе содржини со идеи за одземање на сопствениот живот.
„Овие приказни не се изолирани случаи. Тие постојано се повторуваат. И вината не е ниту кај детето, ниту кај родителите“, нагласи војвотката, предупредувајќи дека развојот на вештачката интелигенција дополнително ги зголемува ризиците.
Таа истакна дека новите технологии не само што ги повторуваат старите грешки, туку уште повеќе ги забрзуваат и засилуваат, додека системите и институциите не се подготвени навреме да одговорат на новите облици на опасности што ги погодуваат децата ширум светот.
Пред почетокот на седумдесет и деветтото Светско собрание за здравје, Маркл го откри споменикот наречен „Изгубениот екран“, кој е посветен на децата чии семејства веруваат дека штетните интернет-содржини придонеле за нивната смрт.
Инсталацијата се состои од педесет светлосни кутии во форма на паметни телефони, а на секоја од нив е прикажана фотографија од дете кое го загубило животот. Посетителите ќе можат преку дигитална платформа да ги слушнат нивните приказни.
Меган Маркл и Принцот Хари со години водат кампања за подигнување на свеста за опасностите од социјалните мрежи, обвинувајќи ги големите технолошки компании дека профитот го ставаат пред благосостојбата и безбедноста на младите.


