Сѐ повеќе бракови се распаѓаат поради „маносферата“ — жените не толерираат токсична машкост, омаловажување и традиционални родови улоги
Идеологијата на таканаречената „маносфера“, интернет-простор во кој се промовираат токсична машкост, омаловажување на жените и традиционални родови улоги, сѐ почесто станува причина за разводи, предупредуваат адвокати кои работат на брачни спорови. Според нив, патот од следење содржини на интернет до поднесување барање за развод денес е пократок од кога било, пишува „Индекс“.
Препорачано
Неколку жени ги раскажаа своите искуства за „Њујорк пост“, предупредувајќи колку силно ваквите содржини можат да влијаат врз однесувањето на партнерите и врз семејниот живот.
Од една реченица до целосна промена
Кога нејзиниот тогашен сопруг ѝ рекол дека менувањето пелени е „женска работа“, триесет и тригодишната Ани Ким најпрво помислила дека се шегува. Денес, пак, смета дека тоа бил првиот знак дека веќе бил под силно влијание на „маносферата“.
Пред пет години, за време на пандемијата, таа работела долги смени како медицинска сестра и финансиски го издржувала сопругот додека ја завршувал специјализацијата по медицина во Лос Анџелес.
View this post on Instagram
Во исто време, неговото однесување почнало драстично да се менува. Сѐ почесто ѝ упатувал навредливи забелешки за нејзиниот изглед, тврдел дека местото на жената е во кујната и дека треба да биде благодарна што е во брак со него.
„Тоа беше огромна промена во неговиот карактер“, вели Ким.
„Се сеќавам дека си помислив: „Воопшто повеќе не те препознавам.““
Според неа, сѐ започнало во период кога тој бил незадоволен од својата кариера и почнал постојано да следи поткасти наменети за машка публика.
Истовремено, станал опседнат со сопствениот изглед. Купувал производи за нега, почнал повеќе да внимава на исхраната, редовно трчал и вложувал многу време во својот физички изглед.
На крајот нивниот однос целосно се распаднал, а по само две години брак таа побарала развод.
„Јас сум бел хирург. Зар навистина ќе ме напуштиш?“, ѝ рекол тој кога му соопштила дека сака развод.
Ким вели дека тој сакал сопруга која целосно ќе се грижи за него.
„Ми зборуваше: „Треба да готвиш. Не ми е јасно зошто нарачуваш храна.“ А јас бев целосно исцрпена. Работев полно работно време и го издржував, а тој сакаше домаќинка како од педесеттите или шеесеттите години.“
Нејзиниот поранешен сопруг, запрашан за коментар, само кусо одговорил дека ѝ посакува среќа во животот.
Адвокатите забележуваат нов тренд
Адвокатот Џејмс Секстон, кој работи на брачни случаи во Њујорк, вели дека ваквите приказни стануваат сѐ почести, особено во последната година до година и пол.
Според него, голем дел од одговорноста ја носи „маносферата“ – мрежа од интернет-влијателни личности, поткасти и интернет-заедници што промовираат машка доминација, омаловажување на жените и застарени сфаќања за машките и женските улоги.
Неодамна британскиот новинар Луис Теру сними документарен филм за оваа појава, во кој разговараше со некои од најпознатите претставници на оваа идеологија.
Меѓу нив има самопрогласени политички влијателни личности кои со своите содржини допираат до милиони мажи. Иако често тврдат дека станува збор за сатира, нивните пораки најчесто се насочени кон промовирање машка надмоќ и доминација.
Други интернет-личности ја популаризираат идејата за „алфа мажјак“, често преку конфликти со женски гости во своите емисии.
Постојат и влијателни личности кои се насочуваат кон несигурни мажи, промовирајќи екстремни, а понекогаш и опасни методи за подобрување на физичкиот изглед и самодовербата.
Зошто мажите лесно паѓаат под вакво влијание?
Според адвокатот Секстон, огромната количина вакви содржини, заедно со начинот на кој функционираат алгоритмите на општествените мрежи, кај дел од мажите создава чувство дека нивните ставови се единствено исправни.
Психотерапевтот Џон Пулс, кој работи со мажи и брачни парови, ова го нарекува „совршена бура“.
Тој објаснува дека луѓето кои немаат цврсто изграден личен идентитет или се чувствуваат осамени многу полесно стануваат дел од вакви интернет-заедници.
„Тие немаат јасно чувство за тоа кои се, па утеха наоѓаат во „маносферата“, бидејќи таму добиваат објаснување зошто се чувствуваат така и некого кого можат да го обвинат.“
Според него, промената не се случува преку ноќ.
„Никој не вели: „Паднав под влијание на „маносферата“.“ Наместо тоа, на сопругите им велат: „Сакам да ме почитуваат“ или „Повеќе немаме исти вредности.““
Терапевтите забележуваат дека ваквите мажи сѐ почесто бараат врски во кои жената ќе остане дома, а кариерата нема да ѝ биде приоритет.
Во дел од случаите причина е и чувството на несигурност, особено кога сопругата има поуспешна кариера.
Според адвокатката Али Фишбејн, тоа кај некои мажи создава огорченост.
„Потоа почнуваат да бараат некоја потрадиционална, помлада жена која ќе им дозволи да бидат „алфа мажјак“.“
@wolfiejesse “Stings huh.. 😏” is sending me 😭😭 #louistheroux #insidethemanosphere #netflix ♬ original sound – gorjess
„Повеќе не живееше во реалноста“
Четириесетгодишната Рејчел, која побарала да не се открива нејзиниот вистински идентитет бидејќи разводот сѐ уште трае, вели дека нејзиниот сопруг целосно го изгубил чувството за реалност.
Според неа, тој поминувал часови гледајќи кратки видеоснимки и расправајќи се со непознати луѓе на интернет.
Тој не негирал дека тоа го правел, но тврдел дека причината била депресија и обид да избега од проблемите во бракот.
Рејчел, која води агенција за општествени мрежи, вели дека нејзиниот сопруг постојано барал потврда преку коментари и допаѓања, додека неговото однесување дома станувало сѐ поконтролирачко и поагресивно.
Нејзиниот сопруг ги негира обвинувањата за насилно однесување и тврди дека конфликтите биле обострани.
„Беше неверојатно контролирачки. Не ми дозволуваше ни да влезам во кујната. Велеше дека не знам ниту алишта да исперам како што треба. Но никогаш самиот не изми ниту еден сад. Кога се исели, зад себе остави целосен хаос и осумнаесет недовршени проекти низ куќата.“
Разменетите пораки меѓу нив, според написот, покажуваат дека токму ова било една од најчестите причини за нивните расправии.
„Наместо да побараат стручна помош и да се соочат со сопствените проблеми, овие мажи се свртуваат кон интернет-платформите и си велат: „Не, јас сум во право… Жените грешат.““
„Не сум инвестиција, туку партнерка“
Слично искуство раскажува и триесет и четиригодишна претприемачка, која исто така побарала да остане анонимна поради судска постапка.
Со сопругот била заедно десет години, од кои шест во брак.
Таа вели дека долго време нивната врска била исполнета со љубов, но минатата година нејзиниот сопруг почнал да го преиспитува сопствениот идентитет и животните цели.
„Мислам дека во најголем дел од нашата врска тој всушност не знаеше кој е.“
Таа го поддржувала неговото лично преиспитување, но проблемот бил што одговорите ги барал кај интернет-влијателни личности.
Подоцна открила дека наместо кај лиценциран терапевт, потрошил илјадници долари на луѓе кои се претставувале како советници за врски, а всушност ги учеле мажите како да ја зголемат сопствената „вредност“.
Во тие програми љубовните врски биле претставувани како инвестиција, а партнерките како дел од личниот статус.
„Таквата содржина им нуди лесен излез на мажите кои се соочуваат со криза на идентитетот, наместо да ги охрабри да се соочат со себе.“
Во тој период, вели таа, тој целосно го сменил својот изглед и станал опседнат со тоа што го прави еден маж привлечен.
Постојано барал совети за слабеење, анализирал црти на лицето и се интересирал што ја зголемува или намалува машката „вредност“.
Истовремено почнал да троши огромни суми на луксузни автомобили и патувања во странство, обидувајќи се да го достигне успехот што го промовирале неговите интернет-ментори.
Иако инсистирал официјално да го прекинат бракот, сепак сакал да задржи некаква врска со неа.
„Од жената во која беше вљубен станав личност што ја гледаше само низ призмата на она што го вреднуваа неговите „терапевти““, вели таа.
„Верувам во вистинска љубов и таа не може да се измери. Љубовта нема цена.“
„Токму затоа повеќе не можев да останам со него. Не сум проклета инвестиција, јас сум партнерка.“
Таа признава дека најтешко не ѝ паднал самиот развод, туку сознанието дека интернет-содржините успеале целосно да го променат човекот во кого се вљубила.
„Тој е многу интелигентен“, вели таа.
„Мислам дека со текот на времето ќе сфати што му се случило. Но за мене, штетата веќе беше направена.“
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Мажите попрво би зборувале за спорт, политика, отколку за нивното ментално здравје?


