ВИДЕО | „Немам емотивен однос спрема потомството“: Владо Јаневски за бракот и семејството
Една од поемотивните приказни на Владо Јаневски е поврзана со создавањето семејство. Легендарниот пејач и автор, кој почина на 28 јуни по кусо боледување, отворено зборуваше за моментот кога бил блиску да се ожени и да има семејство, во емисијата „Еден на Еден“.
Препорачано
На прашањето дали некогаш во животот бил блиску до брак или семејство, Владо искрено одговара дека проблемот никогаш не бил во недостигот на вистински жени, туку во него.
„Имало варијанти, имало. Сигурно дека се погодиле девојки и жени коишто многу би биле добри да ми бидат сопатнички. Но, јас не сум бил како што треба. Или сум бил или презелен, или пребудала, или прерастрчан, или преповршен, па не сум ја регистрирал, па после 10 години ми текнало: ‘Да бе, таа беше добра’. Или сум ја регистрирал во тоа време дека е добра, ама мене ми одел паметот таму некаде, така што кај мене е проблемот. Знаеш, не дека немало кандидатки коишто би биле доволно добри“, му рече Владо на водителот Жарко Димитриоски.
Објаснувајќи ја својата природа, Владо рече дека како уметник и пејач, тој е пред сè емотивец, што директно влијаело на неговите клучни животни одлуки, дури и кога тоа било на негова штета:
„Ама знаеш како е, кога си пејач, ти не можеш да избегаш, ти си емотивец. И моите големи одлуки никогаш не биле рационални. Ова што ме прашуваш ти, дали немало личност – имало, ама да сум бил порационален тип на човек, не емотивец, сигурно би се случило тоа. Емотивната, конструкција што ја имаш внатре, којашто има и лоши страни и добри страни. Лошите страни се еве оваа, каде што големите животни одлуки ги носам емотивно. На своја штета, најчесто. Ама од друга страна, таа моја емотивна моја ми помага да правам песни. Јас без тоа не би можел леб да создадам да јадам“, рече Владо во оваа емисија.
Тој потенцираше дека нема емотивен однос кон прашањето за потомство и дека е целосно помирен со својот статус.
„Немам емотивен однос спрема потомство. Јас сум ‘сингл’ цел живот, и малку е себично од мене, и ниту да се жалам, ниту да се фалам, но немам однос кон тоа никаков.“
На прашањето од водителот дали блиски луѓе со најдобра намера знаат да му кажат дека можеби ќе му биде криво што нема деца, тој беше дециден дека вистинските пријатели не му се мешале во такви одлуки:
„Тој што би ми се мешал во животот, не би ми бил близок. Затоа што јас не се мешам во туѓите одлуки. Јас сум најдобар другар со човек којшто има шест деца. И јас му викам: ‘Те сакам, те почитувам, сакаш шест деца, секоја чест!’ Јас којшто не сум сакал да поднесам едно дете да растам, јас тотално го респектирам тоа кога некој сака да има шест деца“, рече чаирскиот романтичар.
Тој ја сподели својата лична филозофија за тоа како различните луѓе наоѓаат исполнетост во животот:
„Така што, формулата за животот, мојата и неговата, не мора да се совпаѓа за да ние бидеме пријатели, другари, истомисленици. Истиот чевел тебе ти е таман, мене ме стега, него му е голем. Нема една формула за среќа“, зборуваше Владо Јаневски.


