ВИДЕО | „Јадев сирење и кечап“: 12-годишната Фабијана раскажа како преживеала 32 часа под урнатините во Венецуела
Фабијана Бланко е 12-годишно девојче, кое 32 часа преживеа под урнатините по земјотресот во Венецуела, објави Би-би-си.
Препорачано
Таа беше 32 часа заробена под купишта бетон, пред спасувачите да ги слушнат нејзините повици и да ја извлечат. Преживеала јадејќи кечап и рендано сирење, а под урнатините успеала да сними и видео, кое во меѓувреме стана вирално.
„Од некоја причина, имав надеж и вера. „Едната нога ми беше свиткана во болна положба и преместив дел од урнатините за да можам да ги исправам. Додека го правев тоа, добив гребнатини и посекотини, но најдов шише кечап и малку рендано сирење. Тоа ме држеше свесна“, раскажа преживеаното девојче.
Нејзината мајка, која не била дома кога се случил земјотресот, преживувала агонија убедена дека го изгубила единственото дете.
Во хаосот што настанал со земјотресот, кога пристигнала пред својот дом во Карабаледа, во северната држава Ла Гваира, како што раскажува, видела една зграда, потоа празнина таму каде што била нејзината, а потоа уште една зграда.
Фабијана, пак, изјавила дека била сама дома, а кога го почувствувала тресењето, истрчала во кујната и се фатила за шанкот додека ѕидовите се уривале околу неа. Тогаш за неа почнала 32-часовната агонија, додека надвор, мајка ѝ мислела дека е мртва, гледајќи во половината од нејзиниот кревет што ѕиркал од урнатините.
„Видов работи како се тресат, паѓаат, кршат, а потоа ѕидовите пукнаа. Ѕидот што го делеше мојот стан од станот на еден пријател се урна. Во тој момент си помислив: „Ќе умрам. Нема да го преживеам ова. Никој нема да ме спаси“, рече Фабијана.
Фабијана лежела со лицето нагоре, заробена од сите страни, а таванот речиси ѝ го допирал лицето. Подоцна, медицинската сестра која работела како негувателка на соседите на горниот кат почнала да вика за да види дали некој може да ја чуе, а Фабијана ѝ одговорила. По шест часа, околу полноќ, спасувачите ја извлекле медицинската сестра од урнатините, а таа ѝ ја пренела на Карина информацијата дека нејзината ќерка е жива.
Фабијана, која поминала со скршеница на ногата и неколку гребнатинки и модрини, е меѓу трите спасени луѓе од зградата во која живееле 50. Во двата разорни земјотреси еден по друг во Венецуела, загинаа 3.342 луѓе. Земјотресите кои се случија минатиот месец беа со јачина од 7.2 и 7.5 степени.
Бројот на загинати во земјотресите во Венецуела се искачи на 3.342


