Битиќи: Партијата не смее да биде култ кон структурата, оти мандатот доаѓа од граѓаните
Поранешниот вицепремиер и актуелен пратеник од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Фатмир Битиќи, во колумна за порталот „24 инфо“ се осврнува на актуелните тензии и несогласувања во опозициската партија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Во последните денови повторно, како ехо на авторитарно време кое мислев дека е зад нас, се наметна една теза, дека партијата им дала сè на луѓето. Изговорена можеби како порака за лојалност, но доживеана како потсетник дека поединецот треба вечно да биде должен, пишува во колумната Битиќи, кој е и поранешен претседател на СДСМ.
Во текстот со наслов „Кој кого издигнува – партијата луѓето или луѓето партијата?“, Битиќи остро ги критикува наративите кои доаѓаат од врвот на СДСМ деновиве и обидите за дисциплинирање на членовите, како и тезата дека партијата е таа што ги создава луѓето
„Угледот на партијата не е дело на неколкумина што во одреден момент се нашле на раководни позиции. Тој е изграден од илјадници членови, активисти и симпатизери кои стоеле зад секоја победа, секоја кампања, секој освоен глас и секој тежок период, често без да побараат нешто за себе. Партијата не се гради во еден кабинет. Ја издигнуваат луѓето што лепеле плакати на дожд, што разговарале со граѓани кога било најтешко и што ја бранеле идејата и тогаш кога таа не носела функција, а носела товар“, пишува тој.
СДСМ деновиве изнесе жестоки напади и навреди врз свои поранешни членови и активисти, откако беше формирана новата платформа „Разговори за иднината во 12:05“, во која учествуваат голем број, главно поранешни високи функционери на СДСМ и некогашни пратеници од партијата. Појавувањето на актуелната пратеничка Славјанка Петровска на настан на платформата предизвика и официјална партиска реакција, а СДСМ најави дека тоа ќе биде дискутирано деновиве на седници на органите на партијата.
Петровска изминатите месеци повеќепати јавно порачуваше дека СДСМ „доколку не се промени, ќе исчезне“. Во врска со нејзиниот случај, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во разговор за „Слободен печат“ оцени дека пратеничката „потпаднала под нечие влијание“, но рече дека не размислувале да ја исклучат од партиското членство.
Жерновски ќе биде врската на СДСМ со светот, партијата oбјави и други кадровски освежувања
Наспроти ова, Битиќи во колумната напиша дека е длабоко недемократски нечија вредност да се мери само низ призмата на партиската листа. Тој предупредува дека функциите не смеат да се третираат како подарок кој бара вечна благодарност, нагласувајќи дека ниту еден мандат не е милостина од партијата, туку дека тој доаѓа од граѓаните кои всушност го даваат политичкиот легитимитет. Битиќи вели и дека историјата покажува оти партиите почнуваат да слабеат „токму тогаш кога ќе поверуваат дека членовите постојат заради нив, кога критичката мисла се заменува со безусловна лојалност, а различното мислење се доживува како предавство“.
„Силните партии не се плашат од силни личности, затоа што знаат дека политичката организација расте кога во неа има луѓе со став, интегритет и сопствен кредибилитет. Таквите луѓе не ја ослабуваат партијата, напротив, ѝ даваат тежина, препознатливост и виталност. Несигурното раководство, пак, секоја индивидуалност ја гледа како ризик, секој автономен став како непослушност, а секој личен придонес се обидува да го претстави како долг кон структурата“, вели Битиќи.


