Некои аптеки сè уште не издаваат „клексан“ на рецепт, од ФЗО порачуваат дека тоа им е обврска
Лекот за разредување на крвта „клексан“, кој најмногу го користат трудниците, веќе може да се подигнува на рецепт од аптека, но дел од граѓаните велат дека во некои од аптеките им било кажано дека сè уште не го издаваат на рецепт, со образложение дека чекаат известување од Фондот, објави ТВ „24“.
Препорачано
„Од 01.07.2026 година, лекот enoxaparine („клексан“) е обезбеден преку Позитивната листа на лекови и може да се набавува и издава во ПЗУ аптеките кои имаат склучен договор со Фондот. Согласно одредбите од склучениот договор со Фондот, аптеките се должни да обезбедуваат, односно да набавуваат и издаваат лекови за потребите на осигурените лица, за одредени медицински дијагнози и во рамки на законските прописи. На овој начин, осигурените лица лекот го подигнуваат во аптеките кои имаат договор со Фондот, врз основа на рецепт издаден од избраниот лекар, без претходно да го купуваат и потоа да поднесуваат барање за рефундација“, велат од Фондот за телевизијата.
Лекот уште лани требаше да биде ставен на позитивната листа, но поради технички и административни проблеми процедурите се пролонгираа.


