Гужва на ГП „Богородица“ / Фото: Слободен печат-Александра Вуксановиќ / илустрација

Нови перипетии на границите — Брисел ќе го менува новиот систем ЕЕС, призна дека има проблеми

Европската Унија призна дека новиот дигитален систем за евиденција на влез и излез (EEС) се соочува со технички проблеми, откако аеродромите и авиокомпаниите предупредија на долги редици, доцнења на летови и пропуштени конекции. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, за време на посетата на Ирска, изјави дека Комисијата активно работи со земјите-членки на отстранување на проблемите, пренесува Политико.

„Работиме со државите членки за да ги решиме овие технички проблеми“, изјави Фон дер Лајен.

Системот EES, кој стана задолжителен, предвидува државјаните на земјите што не се членки на ЕУ, меѓу кои е и Македонија, при влез и излез од Унијата да поминат биометриска контрола, односно скенирање на отпечатоци од прсти и фотографирање на лицето.

Според европските здруженија на аеродроми ACI Europe, IATA и Airlines for Europe, од воведувањето на системот времето на чекање на граничните контроли значително се зголемило и во шпицот на сезоната достигнува и до пет часа.

Во отворено писмо тие предупредуваат дека милиони патници се погодени од доцнења, пропуштени преседнувања и оперативни проблеми, поради што побараа Европската комисија да им овозможи на земјите поголема флексибилност и, каде што е неопходно, привремено да го суспендираат EES во текот на јули и август.

Од Европската комисија претходно тврдеа дека влијанието на системот е ограничено и дека регистрацијата на еден патник трае околу 70 секунди. Сепак, на голем број аеродроми, вклучувајќи го и римскиот „Фјумичино“, граничните службеници сè уште рачно ги внесуваат податоците, што дополнително ја забавува постапката.

Досега само Шведска и Португалија ги активирале специјалните апликации што овозможуваат побрза обработка на патниците, додека неколку аеродроми и пристаништа привремено го прекинале собирањето биометриски податоци во периодите на најголем метеж за да ги намалат редиците.

И покрај критиките, Европската комисија инсистира дека системот има значајна безбедносна улога. Според податоците на Комисијата, од неговото воведување досега биле идентификувани околу 1.000 лица кои претставувале безбедносен ризик за Европската Унија, а преку EES веќе поминале околу 110 милиони патници.

Системот EES е воведен со цел да спречи злоупотреба на патните документи и пречекорување на дозволениот престој во Шенген-зоната, заменувајќи ги традиционалните печати во пасошите со дигитална евиденција.

Ако има метеж на граница, системот ЕЕС во Грција може привремено да функционира без земање биометриски податоци

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот