Шакира / Фото: EPA

Шакира собира 500.000 долари за децата погодени од разорните земјотреси во Венецуела

Шакира ги повика гледачите на Светското првенство да донираат во Фондот за образование на „ФИФА Глобал ситизен“, чија цел е да се соберат 100 милиони долари за поддршка на образованието на децата ширум светот.

Во видео објавено на социјалните мрежи, пејачката соопшти дека 500.000 долари од фондот ќе бидат наменети за организациите во Венецуела кои им помагаат на децата чие образование било нарушено по неодамнешните разорни земјотреси.

„Денес, милиони деца растат без образованието и можностите што ги заслужуваат. Затоа сум горда што го поддржувам Фондот за образование на ‘ФИФА Глобал ситизен’. Особено ми е драго што 500.000 долари ќе бидат насочени кон организациите во Венецуела кои им помагаат на децата чие образование е прекинато по оваа страшна трагедија. Ќе ги поканиме доверливите локални организации кои веќе работат на терен да аплицираат за финансиска помош, за децата повторно да се вратат во училниците, да им се помогне на наставниците и повторно да се овозможи пристап до образование“, изјави Шакира.

На 24 јуни Венецуела беше погодена од два силни земјотреса во краток временски период. Според Си-ен-ен, загинале повеќе од 1.700 луѓе, а спасувачките операции сè уште траат.

Пејачката ги повика и светските лидери да ја поддржат иницијативата.

„Канадскиот премиер Марк Карни веќе ја поддржа оваа кампања. Се надевам дека наскоро ќе ни се придружат и премиерот на Португалија, Луиш Монтенегро, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц. Ако верувате дека секое дете заслужува можност да сонува, придружете ни се“, порача таа.

Во отворено писмо, поранешни политички лидери од Австрија, Шведска, Нов Зеланд, Ирска и други земји ја поддржаа иницијативата, истакнувајќи дека и по завршувањето на Светското првенство, на децата ќе им бидат потребни образование, здравствена грижа, заштита и услови за подобра иднина.

На 19 јули, во финалето на Светското првенство во Њујорк Њу Џерси, Шакира ќе настапи на првото полувреме-шоу во историјата на турнирот, заедно со групата БТС и Мадона. Настанот е во продукција на „Глобал ситизен“, а музички куратор е Крис Мартин од групата „Колдплеј“.

„Целиот живот правам две работи – создавам песни и градам училишта. На Светското првенство тие две мои мисии се спојуваат. Заедно со Мадона и БТС ќе ја изведам песната ‘Dai Dai’, која ја создадов за ова Светско првенство и за децата до кои ќе стигне помошта преку Фондот за образование на ‘ФИФА Глобал ситизен’. Се надевам дека токму вложувањето во образованието на децата ќе биде најважната порака од најголемата светска сцена“, изјави Шакира.

Шакира и Бурна Бој го отвараат Мундијалот во Мексико, а шоу ќе има и во Торонто и во Лос Анџелес

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот