„Тоа значи дека сум стар“: Џорџ Клуни ќе добие „Златен лав“ за животно дело на Филмскиот фестивал во Венеција
Актерот Џорџ Клуни е годинашниот добитник на „Златниот лав“ за животно дело, една од најпрестижните награди што ги доделува Филмскиот фестивал во Венеција, пренесуваат странските медиуми.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Организаторите објавија дека Клуни е награден за неговиот извонреден придонес во филмската уметност, истакнувајќи ја неговата повеќедецениска кариера и разновидност низ различни филмски жанрови.
– Џорџ Клуни претставува совршена комбинација од холивудски гламур од минатото, врвен професионализам и модерен сензибилитет. Во текот на својата кариера, тој лесно се префрлаше од еден жанр во друг, секогаш останувајќи автентичен – се наведува во објаснувањето.
Организаторите, исто така, ја пофалија неговата режисерска работа, вклучувајќи ги филмовите „Исповеди на опасен ум“, „Добра ноќ и среќа“, „Мартовските иди“ и „Субурбикон“, кои ги оценија како амбициозни достигнувања надвор од вообичаените холивудски шеми.
Клуни се заблагодари за признанието, велејќи дека тоа има посебно значење за него и дека го поврзува со Венеција.
– Доживеав многу незаборавни моменти во Венеција. Овој фестивал е без сомнение мојот омилен и ми е голема чест да го добијам „Златниот лав“. Веројатно тоа значи и дека сум стар , но го прифаќам тоа – рекол тој на шега.
Директорот на фестивалот, Алберто Барбера, го опиша како комплетен и харизматичен уметник чија посветеност на филмот обликува една од најбрилијантните кариери во современиот Холивуд.
Тој потсети дека Клуни ја градел својата кариера постепено, од помали телевизиски и филмски улоги, до светската слава што ја стекнал во серијата „Итна помош“.
За време на својата кариера, Клуни бил номиниран за Оскар во неколку категории, а го добил за споредна улога во филмот „Сиријана“, додека бил награден како продуцент за филмот „Арго“.
Овогодинашнотто 83. издание на Филмскиот фестивал во Венеција ќе се одржи од 2 до 12 септември, додека комплетната програма ќе биде претставена на 23 јули.


