„Мајкл“ (Michael) / На фотографијата е Џафар Џексон во улогата на Мајкл Џексон / Фото: LIONSGATE / Planet / Profimedia

Биографскиот филм за Мајкл Џексон сруши рекорд со заработка од 977 милиони долари

Биографскиот филм „Мајкл“ за Мајкл Џексон сруши рекорд со заработка од 977 милиони долари, што го прави биографски филм со најголема заработка на сите времиња.

Филмот „Мајкл“ го презема првото место на кое се наоѓаше „Опенхајмер“, а го надмина и филмот „Боемска рапсодија“ како музички биографски филм со најголема заработка, пренесува Би-би-си.

Филмот во режија на Антоан Фуква ја претставува приказната за патувањето на Мајкл Џексон од детска ѕвезда во семејната група Џексон 5 до статусот на Крал на попот. Главната улога ја игра Џафар Џексон, додека неговите родители ги играат Колман Доминго и Ниа Лонг.

По премиерата во април, „Мајкл“ заработи 217 милиони долари во првата недела, надминувајќи ги претходните музички биографски филмови како што се „Бандата од Комптон“ (Straight Outta Compton) и „Боемска рапсодија“.

Филмот беше голем успех меѓу обожавателите кои го пофалија прикажувањето на детството на Џексон и рекреацијата на познати концертни изведби и музички видеа. Многу критичари изјавија дека филмот го величи Мајкл Џексон, наведувајќи дека не се осврнува на обвинувањата за сексуална злоупотреба против Џексон.

Филмот „Мајкл“ беше финансиски поддржан од наследството на Мајкл Џексон, а неговите оригинални вокали беа искористени во музичките точки што доминираат во филмот. Според списанието „Варајати“, „Лајонсгејт“ планира да сними уште еден филм за животот на Џексон.

Покрај тоа што привлече публика во кината, новиот филм, исто така, поттикна да се зголеми и слушањето на песните на Џексон на стриминг услугите. Минатиот месец тој беше најслушаниот изведувач на Јутјуб во Велика Британија. Неговата песна „Billie Jean“ моментално е втората најстримувана песна на Спотифај низ целиот свет.

 

„Мајкл“ се приближува до заработка од 800 милиони долари – ќе стане ли најуспешниот музички биографски филм во историјата?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот