И Бајага се прости од Владо Јаневски: Секогаш во сеќавање
Регионалната музичка сцена продолжува да тагува и да оддава почит по заминувањето на македонскиот кантавтор и крал на романтиката, Владо Јаневски.
Препорачано
По бројните колеги од Македонија, со емотивна порака во јавноста излегоа и членовите на култниот рок-состав „Бајага и инструктори“.
Преку нивната официјална страница на социјалните мрежи, тие споделија црно-бела фотографија од Владо Јаневски од негов настап на фестивалската сцена на „Макфест“ и напишаа:
„Со тага се простуваме од нашиот долгогодишен пријател и соработник. Нашите заеднички концерти засекогаш ќе ни останат во сеќавање“, напишаа Бајага и неговите „Инструктори“.
Бајага и Владо Јаневски одржаа заеднички концерт на Денот на вљубените во Скопје во организација на „Авалон“, а пред тоа имаа заедничка прес-конференција на која Владо изјави:
„Од почетокот, кога се спомена Бајага ми беше добра вибрација, бидејќи сме другари долго, половина живот се знаеме и сме сличен сензибилитет. Знам како е да стоиш на бина со него, енергијата е добра. Мене ми беше сосема природно да прифатам кога ми го спомнаа Бајага“, рече Јаневски.
„Бајага ја почна кариерата 15 години пред мене, сме се родиле во исто време, но тој, додека се радувал како голема ѕвезда во Југославија на 18, 19 години, јас воопшто не сум мислел ни дека ќе пеам. Моја иницијатива беше да се запознаеме, затоа што сакав на мојот прв албум да има негови песни, таа иницијатива доведе до нашето запознавање. Потоа, сфативме дека сме блиски по сензибилитет, но првобитното запознавање дојде по моето ‘молење’, како почетник да го запознаам со него“, раскажа Владо тогаш.
Од својата страна, пак, Бајага не знаел за Јаневски пред да се запознаат.
„Мене ми беше интересно дека дознав дека има некое младо момче во Македонија кое знае добро да пишува текстови и кое може добро да ја отпее ‘Твоите очи’ на македонски. Мене тоа ми беше добро како идеја“, додаде Бајага.
Јаневски е едно од најзначајните имиња на македонската поп-музика, а во текот на повеќедецениската кариера создаде голем број хитови.


