Откриена причината за смртта на ѕвездата од „Круг“ — обдукцијата покажа дека починала од сида
Откриена е официјалната причина за смртта на американската актерка Дејви Чејс, најпозната по улогата на Самара Морган во култниот хорор „Круг“ (The Ring) и по тоа што го позајми гласот на Лило во анимираниот филм „Лило и Стич“ (Lilo & Stitch).
Препорачано
Според официјалниот извештај на судскиот медицински истражител на округот Лос Анџелес, актерката починала од последици на сида, објави Би-би-си.
Чејс почина на 16 јуни, а нејзиниот менаџер Џон Рајан Помладиот минатата недела изјави дека причината за смртта била сепса предизвикана од менингитис.
Но, официјалните резултати од обдукцијата покажуваат дека основната причина за смртта е сида, додека како придружен фактор е наведена хронична злоупотреба на повеќе видови супстанции. Случајот и натаму се води како отворен.

Нејзиниот татко, Џон Дејвид Швалиер, потврди дека поранешната детска ѕвезда пред смртта била бездомничка и дека во Лос Анџелес живеела со својот партнер.
Дејви Чејс ја започна актерската кариера на само четиригодишна возраст, а првата телевизиска улога ја добила кога имала девет години во серијата „Сабрина – малата вештерка“ (Sabrina the Teenage Witch). Светска слава стекна во 2002 година со улогата на Самара Морган во хоророт „Круг“, за која ја освои и филмската награда на Ем-ти-ви за најдобар негативец.
Истата година го позајми гласот на Лило во анимираниот филм „Лило и Стич“, за што ја доби наградата Ени, а го синхронизираше и ликот на Чихиро во англиската верзија на јапонскиот анимиран филм „Авантурите на малата Чихиро“ (Spirited Away).
Според нејзиниот менаџер, Чејс целосно се повлекла од актерството во 2015 година.


