Фото: apf.org.py

ВИДЕО | Сензација на Мундијалот: Парагвај ја елиминираше Германија на пенали за осминафинале

Во осминафиналето одиграно во Бостон, САД, на Светското фудбалско првенство репрезентацијата на Парагвај направи големо изненадување елиминирајќи еден од фаворитите за освојување на титулата, Германија, по пенал серијата во која јужноамериканскиот претставник беше подобар со 4:3, а по регуларните 90 минути и двете продолженија резултатот беше 1:1.

По првото полувреме водеа Парагвајците од 42 минута со голот на Енсисо по асистенцијата на Галарза (1:0). Германците успеаја да дојдат до израмнување во 54 минута со погодокот на Хаверц, а асистенција запиша Вирц.

Немаше голови до крајот на регуларните 90 минути, по кои следуваа двете продолженија од по 30 минути. Во 102 минута Германија успеа да постигне гол преку Тах, но истиот беше поништен по ВАР снимката поради прекршок врз парагвајскиот голман Хил.

Статистички избраниците на селекторот Нагелсман беа многу поуспешни, имаа двојно повеќе додавања на теренот, двојно повеќе удари кон голот на Парагвај (21:7), а имаа доста поголем посед на топката (76:24%).

Но, и тоа не им помогна, па победникот и патникот во осминафиналето го решаваа ударите од белата точка во кои подобри беа Парагвајците со 4:3.

Во првата серија непрецизен беше Хаверц кај Германците чиј удар го одбрани Хил, а успешен на спротивната страна беше Маурисио. Во втората серија двете репрезентации беа прецизни, Кимих за Германија, а Гомез за Парагвај.

Во третата серија Мусијала стрелаше за 2:2, а Парагвај ја одржуваше минималната предност по погодокот на Галарза.

Следуваше четвртата серија во која следуваше нов голем шок за Германија откако Волтемаде не го реализираше ударот од белата точка, односно повторно блесна Хил со своја одбрана. На спротивната страна Санабриа можеше да стави точка на мечот, но и тој не беше успешен, односно го промаши целиот гол, па Германците ги одржуваа и натаму шансите во овој меч.

Во петтата серија, Германија мораше да постигне гол за да остане во игра, а тоа го направи Амири за израмнување на 3:3, а Парагвајците уште една „меч топка“ за триумф, но и таа ја испуштија, откако непрецизен беше Фабиан Балбуена, а „виновник“ за тоа беше Мануел Нојер.

Германците беа свесни пред себе имаа нова шанса комплетно да ја свртат пенал серијата во своја корист, но дефинитивно потфрлија во ударите од белата точка. Следуваше нов промашен пенал овој пат од Тах кој шутираше доста лошо, топката заврши над голот на Хил, а конечниот епилог за пласман во следната фаза го постави Канале за 4:3 голема победа на Парагвај.

Селекцијата на Парагвај во осминафиналето на 4 јули во Филаделфија, САД, ќе игра со победникот од мечот помеѓу Франција и Шведска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот