Повеќе од фудбал: Зошто Холандија – Мароко е еден од најпосебните дуели на Мундијалот?
Светското првенство отсекогаш било повеќе од фудбал. На секои четири години, мундијалите претставуваат сцена каде што се среќаваат историите, културите и идентитетите на нации од целиот свет. Фудбалот добива ново и многу подлабоко значење од само натпревар кој трае 90 минути.
Препорачано
Малку дуели на Светското првенство 2026 подобро ја отсликуваат таа поврзаност од дуелот помеѓу Мароко и Холандија, кој ќе се одигра во вторник наутро. Ова е дуел што е симбол на пошироки општествени теми. Холандија и Мароко се децениски поврзани преку миграција, интеграција и избор на идентитет. Повеќе од 400.000 луѓе од Мароко денес живеат во Холандија, а приказните на фудбалерите со двојно државјанство се дел од секојдневните општества.
Во изминативе три децении, двете репрезентации изминаа различни патишта. Холандија остана една од најголемите фудбалски сили и трипати играше финале на СП, додека Мароко постепено напредуваше и ја достигна својата кулминација на мундијалот во Катар 2022, каде што станаа првата африканската селекција што стигнала до мундијалско полуфинале.
Зад овој мундијалски дуел има длабока историја. Токму таа историја ја носи посебната симболика за тренерот на Холандија, Роналд Куман, кој повторно ќе се соочи со Мароко. Точно пред 32 години, на 29 јуни 1994 година во Орландо, Куман беше столб на холандската одбрана и дел од генерацијата која го одигра првиот мундијалски натпревар меѓу овие две селекции. Тогаш „лалињата“ победија со 2:1 и го елиминираа Мароко од турнирот.
На теренот, двете селекции пристигнуваат во одлична форма – и двете без пораз ја минаа групната фаза. Холандија заврши прва во својата група со 10 гола, додека пак Мароко втор зад Бразил, но исто така без пораз.
Безбедносни и општествени предизвици
Но, оваа средба носи и извесни ризици. Холандските безбедносни служби се спремни за сите сценарија, имајќи ги предвид инцидентите што ги следеа прославите на Мароко на претходниот Мундијал. Овојпат, со оглед дека играат и двете репрезентации, очекувањата се дека прославите, како и можните тензии, ќе бидат поголеми. Амстердам и другите градови се спремни за секое сценарио.
Во Холандија, притисокот е зголемен и поради порастот на десничарските и антииимигрантските движења. Темите на интеграција, идентитет и припадност се дел од секојдневната јавна дебата, а фудбалот често е арена на која тие се пресликуваат. Мароко стана симбол за успехот на дијаспората и стратегијата на интеграција на таленти со двојно државјанство. Дури 19 од 26-те фудбалери на селекторот Мохамед Уахби се родени надвор од Мароко, повеќето во Франција, Белгија и Холандија. На натпреварот од групната фаза против Бразил, Мароко испиша историја, кога во еден момент, целата постава им беше составена целосно од играчи родени во странство.
Меѓу најистакнатите имиња што ги поврзуваат двете репрезентации се легендата на Мароко, Хаким Зијеш, како и Нусаир Мазрауи, Исмаел Саибари, Енес Салах-Един и Софјан Амрабат кои ќе бидат дел од натпреварот, сите со детство и фудбалско образование во Европа, но со срце и припадност кон „Атласките лавови“. Нивниот избор да го носат дресот на Мароко не е само спортска, туку и лична, семејна и културна одлука. Тие претставуваат нова генерација играчи за кои националниот идентитет не е едноставен или однапред зададен, туку резултат на комплексни животни приказни и слободен избор.
🇳🇱🇲🇦 𝗗𝗜𝗗 𝗬𝗢𝗨 𝗞𝗡𝗢𝗪: Netherlands vs. Morocco is more than just a World Cup football match.
Morocco’s squad at the World Cup is a reflection of the country’s global diaspora. Of the 26 players selected, 19 were born outside Morocco, and in their victory over Brazil they… pic.twitter.com/x4btPOSQkW
— Football Tweet ⚽ (@Footballtweet) June 29, 2026
Затоа овој натпревар ќе биде повеќе од тактичка битка – ќе биде судир на различни визии, приказни и вредности, со играчи кои го носат товарот и надежите на две заедници, чии животи и иднини се испреплетени многу повеќе од резултатот на семафорот.
Мирослав Кубек ја напушти клупата на чешката фудбалска репрезентација


