Медведев го елиминираше Чилиќ во првото коло на Вимблдон
По само еден час и 50 минути игра, во рамките од првото коло на грен слем турнирот Вимблдон, Русинот Данил Медведев денеска го совлада 37-годишниот хрватски тенисер Марин Чилиќ (АТП – 62) со 3:0 во сетови (6:1, 6:2, 6:4).
Препорачано
Медведев сега ја зголеми својата предност во кариерата во меѓусебните дуели против Чилиќ, водејќи со 5:1. Во подготовките за Вимблдон, тие играа и во Хертогенбош, Холандија, кога рускиот играч славеше со 6:2, 3:6, 6:1.
Првиот сет траеше само 29 минути во кој целосно доминираше рускиот тенисер, кој е осми носител на Ол Ингланд Клубот. Во вториот сет, Чилиќ држеше егал до 2:2, по што Медведев направи серија од четири гема и го освои вториот сет за само 37 минути.
Чилиќ не можеше да се врати во мечот
Оваа серија гемови на рускиот тенисер се продолжи до третиот сет во кој водеше со 3:0. Дури тогаш Чилиќ „покажа заби“ и успеа да се врати на 3:3. Чилиќ можеше да продолжи со враќањето во мечот, но на 4:4 пропушти две шанси за брејк.
Брзо стана јасно дека ова е последната шанса на Чилиќ, па на 5:4, 30-годишниот руски играч направи уште еден брејк, што во овој случај го означи крајот на мечот.
Во второто коло, Медведев ќе игра против Шпанецот Даниел Мерида Агилар кој иако ги загуби првите два сета со 6:4, 6:3, успеа да се врати во мечот. Го доби третиот сет со 6:2, а при водство до 3:0 во четвртиот сет, неговиот противник Камило Уго Карабељи од Аргентина го предаде мечот.
Победа оствари и Канаѓанецот Феликс Оже-Алијасим кој со 3:0 во сетови 6:3, 6:1 и 6:4 го совлада Александер Шевченко од Казахстан. Следен противник на третиот носител на турнирот ќе биде Хрватот Дино Прижмиќ кој со 4:6, 7:6 (3), 6:4 и 6:2 славеше против Адам Волтон од Австралија.
Понатаму оди и Бразилецот Жоао Фонсека кој со 7:6 (4), 6:4 и 6:3 го совлада Шпанецот Роберто Баутиста-Агут, додека Германецот Јан-Ленард Штруф со 6:1, 7:6 (4), 4:6, 2:6 и 7:6 излезе како победник во дуелот со Себастијан Баез од Аргентина.


