Каролина Гочева и Владо Јаневски / Фото: Инстаграм/Каролина Гочева

„Си заминав од свадбата на Кaролина“: Вака зборуваше Владо Јаневски за една од неговите најблиски колешки

Со многу емоции, Каролина Гочева се прости од својот драг пријател Владо Јаневски чие заминување ја потресе македонската јавност.

Владо почина на 65 години по кусо боледување. Неговото заминување остави голема празнина на музичката сцена, а бројни колеги, пријатели и обожаватели се простуваат од него со емотивни пораки.

Меѓу нив е и Каролина Гочева, која сподели заеднички фотографија со Владо и со емотивни зборови му кажа последно збогум:

„Владе мој. Збогум со мојата најомилена песна од тебе… и никогаш нема да заборавам…“, напиша Каролина и ја сподели песната „Не заборавај да се сетиш на мене“.

Каролина Гочева и Владо Јаневски / Фото: Инстаграм/Каролина Гочева

Во една од своите најискрени телевизиски исповеди, во емисијата „Еден на еден“ пред седум години, Владо раскажа интересна и анегдота поврзана токму со Каролина и Калиопи.

Тој откри дека кон двете пејачки чувствувал посебна блискост.

„Каролина ја сакам најмногу на свет. Неа и Калиопи. Тие ми се посебна слабост на естрадата. Секогаш сум бил тука за нив, за дружба и за сè“, раскажа Владо.

Каролина Гочева и Владо Јаневски / Фото: Инстаграм/Каролина Гочева

Потоа се присети на денот кога Каролина го поканила на својата свадба со уметникот Михаил Корубин во 2017 година, иако добро знаела дека тој ретко посетува вакви настани.

„Ми рече: ‘Жити мене, знам дека не одиш по свадби, ама те молам, ради мене дојди на мојата свадба.’ Како сестра да ме канеше.“

Во исто време, и Калиопи му се јавила со необично барање.

„Ми рече: ‘Ајде бе брат, немам со кого да одам на свадбата кај Каролина. Биди ми ‘дејт’, да не се појавам сама.’“

Владо рече дека токму љубовта и почитта кон двете го натерале да прифати.

Сепак, кога пристигнал на свадбената прослава, следувал момент што совршено го опишува неговиот карактер. Свадбата се одржувала во голем хангар, со црвен тепих, и стотици гости.

„Влегов внатре и одеднаш гледам околу 600 луѓе, од кои 598 не ги познавам. Шок и паника.“

Во тој момент, како што раскажа низ смеа, едноставно не можел да издржи.

„На Калиопи ѝ реков: ‘Оди честитај, јас си одам дома.’ Се свртев и си заминав.“

Така, Владо успеал да дојде на свадбата, да го остави подарокот, но никогаш да не влезе меѓу гостите.

Кога подоцна ѝ кажале на Каролина дека дошол, го оставил подарокот и си заминал без да честита лично, таа само кратко прокоментирала „Таков е Владо… што да правиме.“

Двајцата имаат оставено голем белег во македонската музика, а особено се памети нивниот заеднички настап и изведба на култната песна „Љубовта е моја религија“.

Интервју со Владо Јаневски: Кога веќе не сум имал среќа во љубовната лотарија, барем во песните има место за љубовта

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот