Владо Јаневски / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Љубовна приказна на Владо Јаневски — ѝ напишал песна за пет минути

За неговата голема љубов, за која напишал песна за пет минути, раскажа во една прилика Владо Јаневски, чие заминување во вечноста вчера ја остави во шок македонската јавност.

„’Откако си негова’ ја напишав за пет минути, после излезот со мојата тогашна девојка во Треска. Отидовме на Матка, на еден излет, пред дваесетина години со… со мојата тогашна девојка. И толку еден убав ден поминавме на Матка. И кога се вратив, ми дојде текстот од ‘Откако си негова’. ‘Седни кај нашата река и замижи’. Тоа е реката Треска… Треска, кај Матка“, рече тој во емисијата „Еден на еден“ во 2023 година.

Владо тогаш откри дека од сите негови напишани стихови, овој има посебно, место во неговата архива затоа што излегол во совршена форма, без ниту една единствена корекција.

„И знам, се сеќавам дека од сите текстови што сум ги напишал во животот, имало подобри, помалку добри, ама ова е еден од добрите кој ми излегол како некој да ми диктирал одозгора. Го чувам ливчето на кое сум ја пишувал, во него нема ни една чкртаница. Значи, како што излегло, тоа ми е единствен текст каде што ни едно зборче не сум сакал да променам. Тоа не се случува никогаш“, рече Владо Јаневски.

Во едно интервју за „Слободен печат“ пре две години, тој рече дека во тој период ги живее своите најубави години.

„Некој во младоста да ми кажеше дека олку ќе ми биде убаво во душата и удобно во сопствената кожа на овие години, сигурен сум дека немаше да му поверувам! Не ги мислам воопшто годините, ни тие зад мене ни тие пред мене. Не сум носталгичен по природа и не престојувам баш често во сопственото минато. Живеам во денешниот ден, го дишам со полни гради и многу ми е убаво така“, рече Владо.

Наспроти леснотијата со која се родила „Откако си негова“, Владо во емисијата раскажа дека хитот „Дома си е дома“ го пишувал три години.

„ ‘Дома си е дома’ е пишувана три години. Зборче ваму, зборче таму… Првата строфа е на аеродром во Москва, каде што сум го пропуштил авионот за Македонија. И толку ми било мака. Веќе се видов во Скопје, кај мајка ми дома, гушнат после две години, и јас го пропуштам авионот. И јас од мака што веќе во Скопје бев отиден со главата, седнав и се сеќавам дека напишав строфа. Ама една строфа.“

Понатаму, песната се „влечела“ низ европските патишта и станици, собирајќи импресии од местата каде што престојувал:

„После тоа, бев, во друга земја, на некоја железничка станица, ми излезе втората строфа. И така се… се влечеше ‘Дома си е дома’ три години, три строфи“, рече чаирскиот романтичар.

Владо Јаневски си замина, но неговите приказни, неговите патувања преточени во стихови и неговата искрена емоција остануваат.

ФОТО+ВИДЕО | Четири часа љубов и рокенрол: Владо Јаневски и Бајага ѝ приредија концерт за паметење на македонската публика за Денот на вљубените

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот