Полска протера девет Украинци и двајца Белоруси — се сомнева дека организирале протести за Русија
Полските безбедносни служби депортираа девет Украинци и двајца Белоруси под сомнение дека користеле руски пари за регрутирање украински бегалци за организирање протести во Полска против владата во Киев, соопшти Агенцијата за внатрешна безбедност (ABW), пренесува Ројтерс.
Препорачано
Полска долго време ја обвинува Русија и нејзиниот сојузник Белорусија дека спроведуваат хибридна кампања која вклучува саботажи, кибернапади и дезинформации, откако Москва ја започна својата целосна инвазија врз Украина во 2022 година. Русија повеќепати ги негираше овие обвинувања.
„Организаторите имаа цел постепено да влијаат врз заедницата на украинските бегалци во Полска и да ја искористат оваа група за промовирање политички пароли“, се наведува во соопштението на Aгенцијата.
Се додава дека биле користени емотивни теми, меѓу кои и корупциските скандали што ја погодија владата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и други случувања во домашната политика, за да се поттикнат протести.
Според Агенцијата, осомничените лица имале врски со Русија и Белорусија и ги спроведувале своите активности од есента 2025 година.
„Ова е пример за операции што излегуваат надвор од рамките на класичната агресија, со цел да се поткопа јавната доверба, да се поттикнат тензии и луѓето кои бегаат од војна да се искористат како инструменти на руското влијание“, соопшти Aгенцијата.


