Нов закон во Британија: Азилантите ќе треба да вратат до 10.000 фунти
Барателите на азил во Велика Британија може да се соочат со обврска да вратат околу 10.000 фунти за трошоците за нивно сместување и поддршка, откако ќе почнат да заработуваат, објави „Телеграф“.
Препорачано
Новите мерки, кои се дел од Законот за имиграција и азил, имаат за цел да ги повратат трошоците од сите возрасни луѓе кои имаат доволно средства.
Барателите на азил кои имаат право на работа во Обединетото Кралство ќе мора да ја платат фиксната такса пред да добијат право на траен престој.
Министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд ги претстави плановите, додека лабуристичката влада е под силен притисок да ги намали годишните 4 милијарди фунти што се трошат за сместување и за поддршка на барателите на азил.
„Примањето поддршка за азил е право, но и одговорност. Кога луѓето ќе можат да придонесат и да ја вратат великодушноста на британскиот народ, очекуваме тоа и да го направат“, изјави таа.
Се очекува барателите на азил да враќаат вкупно околу 10.000 фунти, но министерката ќе има можност да ја менува висината на надоместокот, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Британија најави затворање на хотелите за азиланти пред изборите во 2029 година
Доколку се процени дека имаат доволно средства, успешните баратели ќе мора да платат фиксна сума.
„Мигрантите ќе треба да го исплатат целиот износ пред да добијат право на траен престој“, наведуваат од Министерството.
Од „Рефјуџи каунсил“ оценуваат дека мерката е неправедна и непрактична, нагласувајќи дека бегалците веќе побегнале од прогон и од војна, и дека новиот трошок ќе им го отежне започнувањето нов живот.
Тие додаваат дека многу баратели на азил не можат да работат додека нивните барања се обработуваат, па затоа зависат од државна поддршка.
Експертите проценуваат дека финансискиот ефект од системот ќе биде ограничен, бидејќи само мал дел од бегалците имаат приходи над прагот за плаќање.
Во 2023 година, околу 13 отсто од луѓето со статус на бегалец заработувале најмалку 20.000 фунти годишно, додека останатите биле без работа или со ниски приходи.
Се предупредува и дека мерката може да ги обесхрабри бегалците да работат или да ги натера да бараат алтернативно сместување.


