Фронтекс: Руси, Кинези и Турци го злоупотребуваат безвизниот режим на Западен Балкан
Европската агенција за надзор на границите Фронтекс предупреди дека државјани на Кина, на Русија и на Турција доаѓаат во Западен Балкан без визи, а потоа се обидуваат да продолжат кон Европската Унија, објави „Данас“.
Препорачано
Во најновата проценка на ризик, Фронтекс предупредува дека миграциските движења на Западен Балкан и понатаму ќе ги одразуваат случувањата на источно-медитеранскиот коридор, и дека одредени националности ќе продолжат да го користат безвизниот пристап во земјите од регионот за да се обидат да стигнат до ЕУ.
Меѓу нив особено се наведуваат државјани на Кина, на Русија и на Турција, како и „носители на јордански пасоши со палестинско потекло“.
Фронтекс проценува дека притисокот ќе биде намален преку полициски акции, сезонски фактори и преку стравот од насилство и од киднапирања што ги вршат криумчарските мрежи, но предупредува дека злоупотребите на безвизниот режим ќе продолжат.
Во извештајот се наведува дека неусогласената визна политика на земјите од Западен Балкан го олеснува користењето на авионски линии кон регионот како „отскочна даска“ за нерегуларен влез во ЕУ.
Се наведува и дека западнобалканскиот коридор, кој води преку Србија, Босна и Херцеговина и преку Хрватска кон Словенија и кон Австрија, останува главна маршрута за миграциски движења што потекнуваат од источно-медитеранскиот коридор.
Европската Унија со години бара од земјите од регионот да ја заострат визната политика и да го затворат просторот за вакви злоупотреби.
Трипати повеќе мигранти од лани годинава влегле во ЕУ преку Западен Балкан


