Aнисимова сепак беше пресилна, Ѓорческа на дебито на Вимблдон загуби во два сета
Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа го заврши своето деби на Вимблдон по поразот од Аманда Анисимова во првото коло, но истовремено го оствари најголемиот успех во историјата на македонскиот тенис со самиот настап.
Aмериканката Аманда Анисимова сепак беше пресилна за Лина Ѓорческа која во своето деби на грен-слем турнирите загуби со 2-0 во сетови (6:3, 6:2).
Препорачано
Во мечот, кој се играше точно напладне на вториот терен, Анисмова го покажа својот квалитет и доминираше од самиот почеток.
Ѓорческа пружи отпор во првиот сет, меѓутоа не доби ниту една прилика за брејк, а сервисот го загуби во четвртиот гем кога Анисмова поведе со 3-1. До крајот дојде до 1-0 во сетови.
Вториот сет донесе уште поголема доминација на Анисимова, која двапати го освои сервисот на нашата тенисерка и со 6-2 го приведе мечот кон крајот. Американката беше голема фаворитка на овој мечкако шеста носителка и ланска финалистка на Вимблдон.
Tриесет и едногодишната Ѓорческа се избори зa денешниот настап со три победи во квалификациите, кој ќе остане запаметен како историски бидејќи таа стана првата тенисерка од Македонија која настапила на еден грен-слем турнир. Пред неа, само Александар Китинов во двојки ја претставуваше Македонија, исто така на грен-слем турнирот Вимблдон.
Освен спортски престиж, настапот на Вимблдон ѝ носи на Лина Ѓорческа и значајна финансиска добивка – за пласманот во првото коло на главната ждрепка ќе заработи 80.000 фунти, сума која ќе ѝ овозможи подобри услови за идните подготовки и настапи на меѓународни турнири.
Во ексклузивно интервју за „Слободен печат“, Ѓорческа, меѓудругото, откри дека сиве овие години сама се грижи за логистиката на натпреварите низ светот, а особена заслуга за нејзината кариера му припишува на таткото, кој, како што вели, бил нејзиниот „ветер во грб“ – секогаш ја носел насекаде за да не пропушти ниту еден турнир, и покрај тоа што процесот бил исцрпувачки, и финансиски и физички.


