По премиерата на филмот за Мајкл Џексон се зголемија преслушувањата на неговите песни за 95 проценти
Биографскиот филм „Мајкл“, кој пристигна во кината во САД и Канада, силно ја поттикна слушаноста на песните на Мајкл Џексон, пренесуваат странските медиуми.
Препорачано
Според податоците на компанијата „Луменијет“, која ги следи навиките на публиката во музичката индустрија, песните на Џексон во САД достигнаа 31,7 милиони преслушувања во петокот, 24 април и сабота, 25 април. Во истите денови од претходниот викенд, беа регистрирани 16,3 милиони преслушувања, што претставува раст од 95 проценти.
Биографскиот филм за кралот на попот заработи 97 милиони долари во кината во САД и Канада во својот викенд на отворање, според проценките на студиото. Ова е значително повеќе од претходните проекции, кои во претходните недели беа околу 50, а потоа околу 70 милиони долари.
Групата „Џексон 5“, во која Мајкл Џексон ја започна својата кариера како најмлад член, забележа поголема публика. Нивните песни имаа 2,4 милиони преслушувања на 24 и 25 април, додека седум дена претходно имаа 1,3 милиони, што е зголемување од 85 проценти.
Мајкл Џексон, исто така, забележа дополнителен скок на „Епл мјузик“. Од понеделник, тој имаше осум песни на „Дејли топ 100 глобал“ листата, а „Billie Jean“ се искачи на 11-то место. Податоците од платформата „Шазам“ исто така, покажуваат дека прегледите на песните на Џексон од 24 до 26 април биле за 140 проценти повисоки од претходниот викенд, па затоа моментално седум од неговите песни се меѓу 200-те најдобри во светот.
Иако филмот беше голем комерцијален успех, критиките беа многу послаби. Критичарот на „Асошиејтед прес“, Џејк Којл, му даде една и пол ѕвезди од четири, опишувајќи го како „еден вид фантастичен филм, кој ги оживува извонредните врвови на Мајкл Џексон, додека ги игнорира неговите падови“.


