Зошто сите миниони се машки? Креаторот конечно ја откри причината
Жолтите, палави и смешни миниони со години се едни од најпрепознатливите анимирани ликови во светот. Но, и покрај нивната огромна популарност, многумина одамна забележаа една необична работа – во целиот филмски универзум нема ниту една женска минионка, пишува „Јунилад“.
Препорачано
Од Кевин, Стјуарт и Боб, па сè до стотиците миниони што се појавуваат во филмовите, сите именувани ликови се машки. Тоа со години ги поттикнуваше фановите да се прашуваат зошто е направен таков избор.
Одговорот го даде Пјер Кофен, француски режисер, коавтор на франшизата и човекот кој им го позајмува гласот на повеќето миниони.
Во интервју за британскиот весник „Гардијан“, Кофен изјави дека воведувањето женски миниони, според него, би било погрешен потег.
„Мислам дека женска минионка би била почеток на крајот. Студиото веројатно би го сакало тоа затоа што би сметало дека ќе им се допадне на жените, но јас не сум убеден“, изјавил Кофен.
Тој додал дека, доколку бил жена, таквиот потег би го сметал за вештачки и направен само за да се исполни одредена форма на застапеност.
„Не велам дека никогаш нема да го направиме тоа, но можеби едноставно не е така замислено. А можеби и е – кој знае“, рекол тој.
Идејата постоела, но никогаш не била реализирана
Кофен открил дека во текот на развојот на приказната се разгледувала можност минионите да пристигнат на остров населен со друго племе, кое би било составено од женски миниони.
Сепак, идејата никогаш не излегла од фазата на сценариото.
„Во мојата глава, женските миниони би изгледале исто како машките. А кога станува збор за нивното размножување – тие не се размножуваат. Тие едноставно постојат“, објаснил Кофен.
„Не можев да ги замислам како женски ликови“
Ова не е првпат Кофен да зборува на оваа тема. Во едно претходно интервју за „Врап“ тој изјавил дека минионите се толку несмасни и глупави што едноставно не можел да ги замисли како женски ликови.
„Гледајќи колку често се глупави и несмасни, едноставно не можев да замислам миниони што би биле девојчиња“, рекол тој.
Оваа изјава предизвика бројни реакции на интернет и отвори дебата за родовите стереотипи, но и за самото потекло на минионите.
Како всушност настанале минионите?
Одговорот на ова прашање го нуди анимираниот филм „Минионс“ од 2015 година.
Во него е објаснето дека минионите се древен и бесмртен вид кој еволуирал од едноклеточни жолти организми уште во праисторијата.
Бидејќи не стареат и не умираат од природна смрт, тие немаат потреба биолошки да се размножуваат за нивниот вид да опстане.
И покрај долгогодишните дебати околу тоа зошто нема женски миниони, франшизата останува една од најуспешните во историјата на анимираниот филм. Жолтите помошници и понатаму се меѓу најпопуларните ликови во кината и продавниците ширум светот.
Ова се 10-те најдобри филмови што треба да ги гледате овој јуни


