Пожари избувнаа во Штип и над Белица — два „ер трактори“ се пуштаат во акција кај ловиштето „Јасен“
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека пожарот во Штип, што избувнал доцна попладнево над филтер-станицата, зафатил борова шума.
Пожар попладнево избувна над Белица и во Штип, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Пожарот над селото Белица, во општина Македонски Брод, избувна на границата со ловиштето „Јасен“. Засега е релативно мал, тврди Ангелов, но огнот зафатил исклучително тешко достапен терен, до кој може да се стигне само пеш. Поради тоа, како што најави, треба да бидат активирани и два „ер трактори“ на ДЗС.
Кон местото се упатени екипи на Територијалната противпожарна единица Македонски Брод и на Јавното претпријатие за заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен“.
— Воедно, во секој момент ќе полетаат два „ер трактори“ на ДЗС — изјави Ангелов.
Тој дополнително информира дека доцна попладнево избувнал и сериозен пожар во Штип, меѓу населбите Баби и Дузлак, над филтер-станицата, каде што огнот зафатил борова шума.
Според Ангелов, штипската Територијална противпожарна единица е ангажирана со сите расположливи капацитети, а се очекува помош и од неколку доброволни противпожарни друштва.
За пожарот кај Белица информираше и Центарот за управување со кризи. Според дневниот пресек на ЦУК, до 18 часот на отворен простор биле регистрирани 11 пожари, од кои активен бил само пожарот во Македонски Брод. Еден пожар бил ставен под контрола, а девет биле изгаснати. Во пресекот на ЦУК не беше наведен пожарот во Штип.


