Фото: Креирана илустрација

Седум страшни сообраќајни несреќи во еден ден — шестмина завршија со тешки повреди, еден загина

Еден 28-годишен возач вчера загина кај кратовското село Страцин, а шестмина се здобија со тешки телесни повреди во повеќе сообраќајни несреќи.

Меѓу повредените има пешаци, мопедист и 15-годишен велосипедист.

Тешко повредена сопатничка во судир кај Бучиште

Вчера во 12:20 часот во ОВР Пробиштип било пријавено дека на регионалниот пат во близина на селото Бучиште, Пробиштипско, се случила сообраќајна несреќа меѓу „фолксваген кеди“ со беровски регистарски ознаки, управуван од 36-годишниот Н.П. од Пробиштип, и „киа“ со пробиштипски регистарски ознаки, управувана од 32-годишниот А.М. од Пробиштип.

Во несреќата тешко била повредена 28-годишната сопатничка Е.М. од Пробиштип, која се превезувала во автомобилот „киа“, а со телесни повреди завршил и возачот А.М.

Повредите биле констатирани во Клиничката болница во Штип. Увид извршила екипа од ОВР Пробиштип.

Жена тешко повредена во центарот на Скопје

Вчера во 15:05 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Кирил и Методиј“, на сервисна улица што води кон паркинг, патничко возило „тојота“ со скопски регистарски ознаки удрило во 71-годишната С.И. од Скопје.

Возилото го управувал 71-годишниот В.Д. од селото Волково.

Жената завршила тешки повреди, констатирани во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Увид извршила екипа од СВР Скопје.

Судир меѓу мопед, автомобил и електричен тротинет во Скопје

Вчера во 22:00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Ферид Мурати“ се случила сообраќајна несреќа во која учествувале „ауди“ со тетовски регистарски ознаки, мопед со скопски регистарски ознаки и електричен тротинет, чијшто возач го напуштил местото на настанот.

„Аудито“ го управувал 25-годишниот Б.У. од Мала Речица, тетовско, а мопедот 23-годишниот А.Р. од Скопје. Во несреќата мопедистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Увид извршила екипа од СВР Скопје.

Автомобил удрил во жена на булевар во Струмица

Вчера во 12:00 часот во Полициската станица Струмица било пријавено дека на булеварот „Гоце Делчев“ во Струмица автомобил „шкода“ со струмички регистарски ознаки удрил во 64-годишната Л.Ц. од Струмица.

Возилото го управувал 67-годишниот Н.Х. од Струмица.

Жената завршила тешки телесни повреди во Медицинскиот центар Струмица.

Увид извршила екипа на Полициската станица Струмица.

Пијан возач удрил во 15-годишен велосипедист во Охрид и избегал

Вчера во 17:20 часот во СВР Охрид било пријавено дека на пресекот на булеварот „Македонски Просветители“ со улицата „Димитар Влахов“ се случила сообраќајна несреќа меѓу велосипед, управуван од 15-годишно момче од Охрид, и патничко возило, чиј возач не застанал и го напуштил местото на несреќата.

Момчето завршило со тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид.

Полицијата го пронашла возачот М.Д. од Охрид. По алкотестирањето било утврдено дека 65-годишниот возач имал 0,7 промили алкохол во крвта.

Увид, по наредба на јавен обвинител, извршила екипа од СВР Охрид.

Пијан возач оштетил шест паркирани возила во Охрид и избегал

Жена тешко повредена во несреќа со електричен мопед во Охрид

Вчера во 14:45 часот во СВР Охрид било пријавено дека на булеварот „Македонски Просветители“ се случила сообраќајна несреќа во која учествувале запрено возило „киа“, електричен мопед „јадеа“ и 56-годишна жена пешак.

Според полицијата, електричниот мопед, управуван од 39-годишниот И.Н. од Охрид, удрил во пешачката С.А., која завршила тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид.

Во несреќата било вклучено и запрено патничко возило „киа“ со охридски регистарски ознаки, претходно управувано од 58-годишниот А.А.

Увид извршила екипа од СВР Охрид.

Загина 28-годишен возач кај Страцин

Во раните утрински часови денеска во ОВР Кратово било пријавено дека на магистралниот пат А-2, кај селото Страцин, кратовско, автомобил „опел астра“ со кривопаланечки регистарски ознаки излетал од патот и удрило во бетонски заштитен ѕид.

Возилото го управувал 28-годишниот Н.С. од Крива Паланка, кој починал на местото на несреќата.

Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош. По наредба на јавен обвинител, телото било предадено на Институтот за судска медицина за обдукција, а увид извршила екипа од ОВР Кратово.

Гостиварец со возило ја урнал портата од домот на родителите на сопругата, скршил прозорец, па ја натепал

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот