Што е поштетно — пивото, виното или жестоките пијалаци? Големо истражување открива значајни разлики
Најново истражување покажува дека не сите видови алкохолни пијалаци имаат исто влијание врз здравјето. Според резултатите, жестоките алкохолни пијалаци, пивото и јаболковото вино се поврзани со поголем ризик од смртност, додека консумирањето вино е поврзано со помал ризик.
Препорачано
Иако претходните истражувања одамна укажуваат дека прекумерното консумирање алкохол го зголемува ризикот од бројни здравствени проблеми без оглед на видот на пијалакот, новата студија сугерира дека кај лицата кои пијат мали до умерени количини, видот на алкохолот сепак може да има значење.
На пример, кај лицата кои умерено консумирале вино бил забележан 21 процент помал ризик од смрт предизвикана од срцево-садови заболувања. Од друга страна, дури и малата консумација на жестоки алкохолни пијалаци, пиво или јаболково вино била поврзана со 9 проценти поголем ризик, пренесува „Јуроњуз“.
„Овие резултати се однесуваат на општата популација, а кај одредени групи со зголемен ризик, како што се лицата со хронични или срцево-садови заболувања, ризиците би можеле да бидат уште поголеми“, изјавила главната авторка на студијата Џанглинг Чен.
Како било спроведено истражувањето?
Резултатите се темелат на податоци од повеќе од 340.000 возрасни лица од Обединетото Кралство, собрани во рамките на проектот „Биобанка на Обединетото Кралство“ во периодот од 2006 до 2022 година.
Учесниците биле поделени во групи според количината на внесен алкохол, пресметана во грами чист алкохол на дневно и неделно ниво, а нивната здравствена состојба била следена во просек повеќе од 13 години.
Во споредба со лицата кои воопшто не пиеле алкохол или го консумирале само повремено, кај оние што внесувале големи количини биле утврдени:
– 24 проценти поголем ризик од смрт од која било причина;
– 36 проценти поголем ризик од смрт како последица на рак;
– 14 проценти поголем ризик од смрт поради срцеви заболувања.
Кај лицата кои консумирале мали до умерени количини алкохол биле забележани значајни разлики во зависност од видот на пијалакот. Консумирањето вино било поврзано со помал ризик од смртност, додека жестоките алкохолни пијалаци, пивото и јаболковото вино биле поврзани со поголем ризик.
„Нашите резултати помагаат да се разјаснат досегашните спротивставени заклучоци за малата и умерената консумација на алкохол. Тие покажуваат дека здравствените ризици не зависат само од количината на испиен алкохол, туку и од видот на пијалакот“, истакнала Чен.
Зошто виното може да има поинаков ефект?
Истражувачите сметаат дека разликите би можеле да се должат на соединенијата што природно се наоѓаат во виното, како што се полифенолите и антиоксидансите, но и на начинот на живот на луѓето кои најчесто го консумираат.
Виното обично се пие со оброк и почесто го избираат лица кои имаат поздрави навики во исхраната. Од друга страна, пивото, јаболковото вино и жестоките алкохолни пијалаци почесто се поврзуваат со понездрава исхрана и други фактори што можат да го зголемат ризикот за здравјето.
„Сите овие фактори укажуваат дека видот на алкохолот, начинот на кој се консумира и животните навики што го придружуваат, заеднички придонесуваат за разликите во ризикот од смртност“, нагласила Чен.
Истражувањето има и свои ограничувања
Авторите посочуваат дека станува збор за набљудувачко истражување, што значи дека не може со сигурност да докаже причинско-последична врска.
Дополнително, учесниците ги пријавиле своите навики за консумирање алкохол само на почетокот на истражувањето, без да се следат евентуалните промени во текот на годините.
Истражувачите исто така наведуваат дека учесниците во проектот „Биобанка на Обединетото Кралство“ во просек биле поздрави и имале подобар социоекономски статус од општата популација, па резултатите не можат целосно да се применат на сите луѓе. Поради тоа, тие сметаат дека се потребни дополнителни клинички испитувања за попрецизно да се утврдат ефектите од различните видови алкохол.
Ова истражување се надоврзува на сè поголемиот број научни студии кои покажуваат дека дури и умерената консумација на алкохол може да претставува ризик за здравјето.
Експерти објаснуваат зошто алкохолот е поштетен од канабисот


