Нова тура низ „Вечниот град“ — посетете ги мачките и нивните собиралишта во Рим
Многу градови низ светот се познати по своите големи популации на мачки, вклучувајќи ги Истанбул, Котор и Рим.
Препорачано
Ако планирате да го посетите Рим, можеби ќе сакате да се пријавите за нова тура што ќе ве однесе до некои од најпознатите знаменитости на градот, кои се исто така омилени места за собирање на мачките, пишува „Еуроњуз“.
Турата ја започна организацијата „Архео ранинг“, која организира тури за трчање низ Вечниот град уште од 2016 година. Новата рута „Мачките од Рим“ ги води учесниците до антички урнатини кои сега се дом на колонии мачки.
Турата ја води историчарката на уметност Изабела Калидона. Рутата е долга шест километри и започнува многу рано, помеѓу 6 и 7 часот наутро, пред градот да се разбуди.
Турата започнува на археолошкото наоѓалиште на Храмот на Изида и Серапис во областа Кампо Марцио, што е соодветна почетна точка со оглед на тоа што мачките се сметале за свети суштества во антички Египет.
Потоа учесниците се упатуваат кон светата област Ларго Аргентина, позната по својата колонија мачки, а потоа се искачуваат на Капитолинскиот рид за да го видат градот пред да продолжат кон Колосеумот.
Тркачите ја завршуваат турата кај Пирамидата на Цестиј, каде што ги чекаат уште повеќе мачки.
Зборувајќи за турата, Калидона рече: „Оваа тура е за оние кои сакаат да талкаат без план, да забележуваат детали и да трчаат доволно бавно за навистина да видат што има околу нив.“
Цените почнуваат од 50 евра по лице, под услов пет лица да се приклучат на турата.
Звучи како совршен начин да се започне ден со разгледување на Рим.


