Фото колаж „Слободен печат“ Методи Здравев и фотографија од лекот „фостер“
Фото колаж „Слободен печат“ Методи Здравев и фотографија од лекот „фостер“

Генеричките замени за „фостер“ и за „мифортик“ ги нема — и покрај уверувањата на Фондот, пациентите две недели сами се снаоѓаат и купуваат скапи лекови, велат од Левица

Пациенти со астма, хронична опструктивна белодробна болест и со трансплантирани бубрези веќе две недели се принудени сами да се снаоѓаат и да купуваат скапи лекови, велат од партијата Левица.

Оттаму посочуваат дека Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) претходно уверуваше дека лековите „фостер“ и „мифортик“ ќе бидат заменети со нови генерички препарати, но, велат од Левица, тие лекови сè уште не се достапни во аптеките низ земјава.

„Наместо прво да обезбедат континуирано снабдување со новите лекови, Министерството и ФЗО ги намалија средствата за постојните препарати и практично ги принудија пациентите да ја плаќаат цената на нивната неспособност“, се наведува во соопштението.

Левица посочува дека пациентите со астма и ХОББ во моментов плаќаат и до 300 проценти повисока цена за неопходната терапија. Од партијата додаваат дека пациентите со трансплантиран бубрег за лекот „мифортик“ мора да издвојуваат 3.450 денари повеќе од досегашната цена.

Левица критикуваат постапката на Министерството за здравство и ФЗО, наведувајќи дека пред намалувањето на фондовските средства за постојните терапии требало да се обезбеди достапност на најавените замени.

„Со тоа што во аптеките ги има само старите лекови по нови цени, Алиу и Клековски создадоа животозагрозувачки проблеми за граѓаните“, велат од Левица.

Лекот против астма „фостер“ поскапе од 300 на 1.081 денар, откако ФЗОМ одобри генерички лек во Македонија

Партијата бара министерот за здравство Азир Алиу и директорот на ФЗО, Сашо Клековски, да обезбедат набавка и дистрибуција на најавените генерички лекови во сите аптеки. Дотогаш, се вели во соопштението на Левица, треба да се врати претходниот режим на финансирање за постојните терапии.

Од партијата бараат и одговор зошто средствата за животно важни лекови биле намалени пред да се обезбеди нивна соодветна замена.

Зошто поскапе лекот „фостер“?

„Слободен печат“ претходно пишуваше дека инхалаторниот лек „фостер“, кој го користат пациенти со астма и хронична опструктивна белодробна болест, во аптеките поскапе од 300 на 1.081 денар, откако Фондот за здравствено осигурување ја намали референтната цена што ја покрива за овој лек. До промената дојде откако на позитивната листа беше додаден генеричкиот лек „блоцета“, кој според ФЗОМ е терапевтска замена за „фостер“ и треба да биде достапен без доплата за пациентите.

Од Фондот тогаш објаснија дека со воведувањето генерички лекови пациентите добиваат дополнителна терапевтска опција на товар на ФЗОМ, без доплата, а здравствениот систем обезбедува поголема конкуренција и заштеди. Директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, изјави дека лекарите законски треба да препишуваат генеричко име на лекот, а пациентот во аптека да избере дали ќе земе лек без доплата или препарат за кој ќе доплати.

Според податоците што ги објави ФЗОМ, во 2025 година за „фостер“ биле издадени 57.441 рецепти, а со воведувањето на „блоцета“ се очекува годишна заштеда од околу 46 до 49 милиони денари.

Лекот против астма „фостер“ поскапе од 300 на 1.081 денар, откако ФЗОМ одобри генерички лек во Македонија

„Не станува збор за обичен избор“

Пациентите, пак, реагираа дека не станува збор за обичен избор, туку за терапија што за многумина е неопходна за нормално дишење. Дел од нив, преку иницијатива предводена од Марија Зафирова, најавија претставка до ФЗОМ, МАЛМЕД и до Министерството за здравство, со барање да се преиспита методологијата за пресметка на референтната цена и да се врати старата доплата.

„Слободен печат“ пишуваше и дека Министерството за здравство стапило во контакт со носителот на одобрението за „фостер“, компанијата „Провиденс“, од каде соопштија дека разговараат со производителот и со ФЗОМ за да се најде решение. Министерството, сепак, не одговори кои членови учествувале во комисијата што ја намалила референтната цена, ниту, пак, дали ќе има ревизија на одлуката.

Промените ја засегнаа и терапијата „мифортик“, лек што го користат пациенти со трансплантиран бубрег. Според ФЗОМ, неговата генеричка замена е без доплата, но за досегашниот лек пациентите треба да платат 3.450 денари.

Лекот против астма „фостер“ поскапе од 300 на 1.081 денар, откако ФЗОМ одобри генерички лек во Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот