Приказна за играчките 5 - Фото: Принтскрин/ Јутјуб

Објавена листата на најдобрите филмови од 2026 година (досега) и не се само холивудски блокбастери

Новинската агенција „Асошиејтед прес“ го објави изборот на најдобрите филмови во првата половина од 2026 година. На списокот се најдоа големи студиски продукции, независни филмови, како и неколку авторски остварувања што пријатно ги изненадија критичарите.

Според оценката на агенцијата, првите шест месеци од годината ги одбележаа високата заработка во кината, враќањето на младата публика од генерацијата Зет во киносалите, но и нерамномерниот успех на големите филмски франшизи. Така, филмот „Војна на ѕвездите: Мандалорецот и Грогу“ (Star Wars: The Mandalorian and Grogu) не ги исполни очекувањата, додека „Приказна за играчките 5“ (Toy Story 5) без поголеми тешкотии ја освои публиката.

Филмските критичари Џејк Којл и Линдзи Бар составија разновиден избор на филмски остварувања. Меѓу нив е и новиот филм на Стивен Спилберг „Денот на разоткривањето“ (Disclosure Day), кој Којл го опишува како политички обоено дело што сепак ја задржува вербата во човештвото.

На листата се најде и „Проект: Спас за Марија“ (Project Hail Mary), филмска адаптација на романот на Енди Вир, која ја следи приказната за наставник по природни науки што се обидува да помогне во спасувањето на Сонцето кое умира. Главната улога ја толкува Рајан Гослинг.

Меѓу највпечатливите остварувања е и „Роза од Невада“ (Rose of Nevada) на Марк Џенкин, приказна за двајца членови на екипаж на рибарски брод кои, по враќањето од пловидба, откриваат дека се нашле триесет години во минатото.

Критичарите го издвојуваат и трилерот „Штимачот“ (Tuner) на Даниел Рорер, чиј главен лик е пијанист што повеќе не може да свири, но благодарение на својот исклучителен слух се вплеткува во криминалното подземје.

Во изборот се најде и филмот „Огледала број 3“ (Miroirs No. 3.) на Кристијан Пецолд, кој ја раскажува приказната за жена што по тешка сообраќајна несреќа закрепнува во домот на постара жена.

На списокот се и драмата „Поканата“ (The Invite) на Оливија Вајлд, која ги истражува брачните и сексуалните тензии што избиваат за време на вечера меѓу соседи, како и дебитантскиот филм „Сината чапја“ (Blue Heron) на Софи Ромвари, независна комедија за патување низ времето, сместена во Торонто.

Меѓу избраните се и анимираниот филм „Минионите и чудовиштата“ (Minions & Monsters), одмаздничката приказна „Дали Бог е Бог“ (Is God Is) на Алеша Харис, која ги следи сестрите близначки во потрагата по својот насилен татко, трагикомедијата „Поет“ (A Poet) на Симон Меса Сото за неуспешен колумбиски писател, како и анимираниот филм „Скокачи“ (Hoppers) на студиото „Пиксар“, во кој млада еколошка активистка се обидува да ја спречи изградбата на надвозник низ шумски предел.

„Нетфликс“ вложил 135 милијарди долари во филмови и серии во последните десет години

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот