Психијатар предупредува: Родителите кои прават сè наместо децата ги прават ментално послаби
Родителите понекогаш треба да им дозволат на децата сами да ги пронајдат решенијата за своите проблеми и да се соочат со последиците од сопствените одлуки. На тоа укажува психијатарот и автор на бестселер книги, Даниел Ејмен, кој предупредува дека многу родители грешат затоа што преземаат премногу обврски наместо своите деца. Според него, таквиот пристап може да доведе до тоа децата да пораснат во ментално помалку отпорни личности, пишува „Нова“.
Препорачано
Гостувајќи во поткастот „Билт диферент“, Ејмен објаснил дека родителите често се обидуваат да ги заштитат децата од секоја непријатност или неуспех. Како примери ги навел ситуациите кога родителите ги изработуваат училишните проекти наместо децата за да добијат подобра оценка или кога им исполнуваат секоја желба само за да спречат лутина и фрустрација.
Според него, на тој начин на децата им се одзема можноста да развијат самостојност и отпорност – особини кои, според истражувањата, се поврзани со поголемо задоволство и успех во зрелата возраст.
„Кога мојата ќерка ќе го заборавеше домашното на училиште, никој не ѝ го носеше. Ако во ладно време не понесеше јакна, иако мајка ѝ ја предупредила, никој не ѝ носеше јакна“, изјавил Ејмен.
Тој смета дека родителите не треба да ги решаваат сите проблеми наместо децата.
„Кога детето ќе каже дека му е здодевно, немојте веднаш да му понудите забава. Подобро прашајте го: ‘Баш ме интересира што ќе направиш во врска со тоа’“, советува психијатарот.
Премногу помош може да го наруши самопочитувањето
Ејмен предупредува дека прекумерната заштита може да има спротивен ефект.
„Ако премногу работите за своите деца, вие ја градите сопствената самодоверба на начин што ја намалува нивната. Менталната сила се развива преку решавање проблеми“, истакнува тој.
Поддршка наместо претерана заштита
Слично мислење има и детскиот психолог од колеџот „Барнард“, Това Клајн, која нагласува дека градењето отпорност не значи строга дисциплина или казни.
Таа предупредува дека ниту постојаната претерана заштита не е добра, бидејќи децата така не учат како да се справуваат со разочарувања, грешки и неуспеси.
Според неа, родителите треба да бидат поддршка, но да им дозволат на децата самите да поминат низ предизвикувачки ситуации.
„Тоа е пристап базиран на емпатија и поврзаност. Пораката до детето треба да биде: ‘Ова може да биде тешко, но јас ќе бидам тука кога ќе завршиш’“, објаснува Клајн.
Таа додава дека е важно детето да чувствува доверба од родителите.
„Кажете му: ‘Верувам дека можеш да ја поминеш оваа тешка ситуација. Ќе бидам со тебе без разлика на исходот – дали ќе победиш, изгубиш или ќе бидеш некаде помеѓу. Тука сум за тебе.’“
Одговорноста се учи од мали нозе
Американската психолошка асоцијација одамна укажува дека децата развиваат самодоверба и чувство на одговорност кога се поттикнати да им помагаат на другите. Тоа може да бидат едноставни домашни обврски, помош на пријатели или училишни другари.
Таквите искуства им помагаат на децата да изградат сигурност во сопствените способности и полесно да се справуваат со предизвиците во иднина.
„Дозволете им на децата сами да почнат да наоѓаат решенија за своите проблеми, наместо премногу да се вмешувате во секоја ситуација“, заклучува Ејмен.


