Македонско и бугарско знаме/ Фото: Слободен печат/ Архива

МВР и АНБ спроведуваат истрага: Онлајн канали ширеле тензии меѓу Македонија и Бугарија?

Од МВР за „Слободен печат“ ја потврдија информацијата, но не откриваат детали за кои портали и фејсбук-страници станува збор. АНБ во март годинава спроведе истрага против организирана мрежа што преку пропагандни активности поттикнува омраза, нетрпеливост и насилство помеѓу македонските и бугарските граѓани во двете земји.

Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) спроведуваат истрага против 20-ина комуникациски канали, меѓу кои веб-портали, како и страници и профили на Фејсбук и Инстаграм, поради сомневање дека биле користени за организирано ширење говор на омраза и поттикнување тензии преку содржини поврзани со односите меѓу Македонија и Бугарија, објави порталот Скопје1.

Во фокусот на истрагата се повеќе содржини објавувани во изминатиот период поврзани со внесувањето на Бугарите во Уставот, како и провокативни објави и материјали кои, според сомневањата, имале цел да поттикнат меѓусебни навреди, омраза и радикализација на јавната дебата меѓу македонски и бугарски граѓани.
Се истражува и начинот на финансирање на дел од овие активности.

Од МВР за „Слободен печат“ ја потврдија информацијата, но не откриваат детали за кои портали и фејсбук-страници станува збор.

МВР постапува по индиции за портали и профили на социјалните мрежи за кои има сомнение за сторено кривично дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Доколку се утврди дека има елементи на кривично дело, Министерството ќе постапи во согласност со своите законски надлежности и ќе преземе соодветни мерки – ни изјавија од МВР.

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна, во интервју за МРТ, зборувајќи за последните инциденти на релација Бугарија – Македонија, како што беше палењето на дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопје и протечената дипломатска нота за патувањето на неговото семејство во Пампорово, Бугарија, оцени дека се провокации што се дел од организирана бугарска кампања во нашата држава, а кои имаат за цел промоција на неприфатливи работи преку еден или двајца политички ликови.

Ниски страсти и организирана кампања што во овој период е забележлива. Ние сме зафатени со реконструкцијата и го користат слободниот простор, еден, двајца политички ликови во државава да се обидат да промовираат нешто што никој не може да го прифати. Ова е еден поширок обид за влијание тука… Јас многу малку верувам во случајност во политиката – изјави тогаш Мицкоски.

АНБ во март годинава спроведе истрага против организирана мрежа, која преку пропагандни активности поттикнува омраза, нетрпеливост и насилство помеѓу македонските и бугарските граѓани во двете земји.

По претходно обезбедени информации на АНБ, кои укажуваа на субверзивно-пропагандни активности во земјава на домашни и странски недржавни актери, Јавното обвинителство и МВР/БЈБ синхронизирано презедоа организирани мерки и активности за кривично-правен прогон на лица и одземање пропагандни материјали што имаат за цел да предизвикуваат етничка и национална нетрпеливост, раздор и омраза меѓу граѓаните – информираа тогаш од АНБ.

Наведените активности, како што додадоа, биле поттикнати „во координација и по насоки на бугарски државјанин, кој подолг период на социјалните мрежи и преку бот-мрежа на информативни портали спроведувал пропагандни активности со цел поттикнување омраза, нетрпеливост и насилство помеѓу македонските и бугарските граѓани во двете земји, од позиција на недржавен прокси-актер во функција на хибридно поткопување на стратешките евроинтегративни процеси на Македонија и загрозување на европската безбедност“.

Како што објавија тогаш дел од медиумите, Виктор Стојанов, бугарски државјанин и претседател на Фондацијата „Македонија“, е лицето што било опфатено во пријавата за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. Стојанов во јавноста е познат по своите негаторски и навредливи изјави за македонскиот народ и држава. Тој по инцидентот со запалените возила пред бугарската амбасада, повикуваше на протест и блокирање на бугарско-македонските гранични премини, но по реакциите на официјална Софија, тој се откажа од блокадата. На Стојанов му е изречена забрана за влез во земјава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот