Девојката на Ерлинг Халанд откри како почнала нивната љубов: „Прво ми се допаѓаше неговиот најдобар другар“
Додека Ерлинг Халанд ја предводи Норвешка на Светското првенство, најголема поддршка му е неговата долгогодишна партнерка Изабел Хаугсенг Јохансен. Нивната љубовна приказна започнала многу пред фудбалерот да стане една од најголемите светски ѕвезди.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
И двајцата потекнуваат од малиот норвешки град Брине и своите први фудбалски чекори ги направиле во локалниот фудбалски клуб „Брине“. Токму таму се запознале, иако Халанд признава дека не се сеќава на нивните први средби.
„Таа се сеќава дека многупати ме гледала кога бевме деца, но јас не се сеќавам“, признал фудбалерот во видео објавено на Јутјуб.
Изабел, пак, верува дека нивната средба била судбинска, а открила и интересен детаљ од минатото.
„Го познавав само твојот најдобар другар и тој ми се допаѓаше. Но, кога те видов тебе, го сменив мислењето“, рекла таа.
Пред да стане позната како партнерка на Халанд, Изабел и самата имала успешна фудбалска кариера. За сениорскиот тим на „Брине“ дебитирала на само 13 години, а на 36 натпревари постигнала 23 голови.
„Искрено, не бев најдобра во дриблингот и слични работи. Најмногу се потпирав на брзината. Само трчав“, изјавила таа, додавајќи дека денес ѝ недостига фудбалот.

Сепак, за време на пандемијата ја изгубила мотивацијата, а по раѓањето на нивниот син во декември 2024 година решила целосно да му се посвети на семејството.
Според Халанд, токму Изабел го направила првиот чекор во нивната врска.
„Таа ми испрати порака. Игравме за истиот клуб – ‘Брине’. Таа прва фрли око на мене, не јас на неа“, изјавил напаѓачот за норвешката телевизија НРК.

Иако се заедно од околу 2021 година, врската долго време ја чуваа далеку од јавноста. Дури во летото 2023 година првпат се појавија заедно во јавноста, за време на одмор во Марбеља и на церемонијата за доделување на „Златната топка“.
Халанд открива дека нивниот секојдневен живот е далеку од гламурот.
„Јас готвам. Можеби ќе ѝ биде малку непријатно што го кажувам ова, но таа сака да игра видеоигри. Заедно играме ‘Мајнкрафт’, градиме куќи или се враќаме дома во Брине и нарачуваме ќебап“, раскажал тој.

Фудбалерот истакнува дека татковството позитивно влијаело и на неговата игра.
„Може да бидете физички подготвени, но мора да бидете и психички подготвени. Искрено, детето ме направи уште подобар затоа што кога сум дома целосно се исклучувам од фудбалот. Повеќе не размислувам за натпреварите и тоа ми помага да бидам подобар“, изјавил Халанд.
Иако Изабел внимателно ја чува својата приватност, на Инстаграм ја следат повеќе од 200.000 луѓе. Повремено објавува моменти од семејниот живот и фотографии од натпреварите на Халанд, а позната е и по својот интерес за модата.
„Сакам да го заштитам моето семејство, но истовремено сакам луѓето да имаат можност да ме запознаат и да видат која сум јас. Најголемиот предизвик е да се постави граница меѓу она што е приватно и она што може да се сподели со јавноста“, изјавила таа.
ВИДЕО | Мундијалски вести: Халанд ги превесла „кариоките“, Англија го преживеа пеколот на „Ацтека“


