гужва на граница

Ако има гужва на граница, системот ЕЕС во Грција може привремено да функционира без земање биометриски податоци

Во случај на зголемен сообраќај на одредени гранични премини, со цел воспоставување нормален проток на патници и возила, постои можност привремено и делумно да се суспендира имплементацијата на ЕЕС-системот, односно регистрацијата да се врши без земање биометриски податоци, отстапка што важи до 8 јули годинава, со можност да се продолжи до 6 септември, произлегува од одговорите на пратенички прашања доставени од заменик-министерот за заштита на граѓаните на Грција, Јоанис Ламбропулос, до кои имаше увид дописничката на МИА од Атина.

Километарските колони изминатиот период во одредени денови на граничните премини, особено на Евзони, предизвикаа реакции од страна на хотелиерите од северниот дел на земјата, но и неколку пратеници од различни партии, преку пратенички прашања доставени до надлежното Министерство побараа одговори и објаснувања за новиот систем на ЕУ за биометриска регистрација на сите државјани од трети земји.

Летото пред врата, турканиците на границите растат – се бараат итни олеснувања поради системот ЕЕС

Дописничката на МИА од Атина, разгледа три одговори на пратенички прашања, двете прашања се од пратеници на Нова демократија, едно од партијата Ники (Победа), додека пак одговорите, сите потпишани од заменик-министерот за заштита на граѓаните на Грција, Јоанис Ламбропулос, се два од 21 мај и последниот од 27 мај 2026 година.

Доколку се анализираат овие официјални писмени одговори од Министерството за заштита на граѓаните на Грција, што е надлежно за полицијата и за контролите на граничните премини, произлегува дека европската регулатива мора да се имплементира, меѓутоа, дава можност првично до 8 јули, а потоа автоматски се продолжува до 6 септември, доколку има исклучително голем сообраќај и предолги редици, властите привремено да ја намалат употребата на биометриските проверки за да се забрза протокот на патници, односно регистрацијата во системот да се спроведува регуларно, но без фотографирање и земање отпечатоци.

Објаснето е дека со одлука на Европската комисија од 30 јули 2025 година, на 12 октомври 2025 година започна со работа, на ниво на цела Европа, Системот за влез и излез – новата постапка за пасошка контрола на државјани на трети земји при преминување на надворешните граници на Европската Унија и нивниот влез/излез од Шенген-зоната, a целосната примена на системот беше воспоставена на 10 април 2026 година, при што целосно ја замени досегашната практика на ставање печати во патните исправи.

– Согласно регулативата, од 10 април 2026 година е задолжителна регистрација во системот за сите преминувања на лицата што подлежат на регистрација, меѓутоа до 6 септември 2026 година, во исклучителни околности што доведуваат до сообраќај од таков интензитет што времето на чекање на граничните премини станува прекумерно, постои можност за делумно суспендирање на употребата на ЕЕС (регистрација во системот без земање биометриски податоци). Оттука, од 10 април 2026 година е задолжителна регистрацијата во системот на сите преминувања, дури и кога не се земаат биометриски податоци, при што остануваат оперативно достапни сите алтернативни процедури предвидени во член 21 од Регулативата (ЕУ) 2017/2226, пишува во одговорот од заменик-министерот од 27 мај.

Дополнително, упатува и на соопштението од грчката полиција од 8 мај годинава во кое е објаснето дека Грција успешно го стави во целосна функција системот за влез и излез (ЕЕС) на 10 април 2026 година, а за натписите во медиумите за начинот на примена на ЕЕС во Грција, појаснето е дека „надлежните грчки органи ги преземаат сите неопходни мерки за обезбедување непречен проток на посетители на граничните премини за влез и излез од земјата, користејќи ги можностите што ги предвидува европското законодавство“.

– Во овој контекст се нагласува можноста што Регулативата 2025/1534 на ЕУ им ја дава на земјите членки, во текот на првите три месеци од целосното функционирање на ЕЕС, привремено да ја суспендираат постапката за земање биометриски податоци за ограничен временски период и на конкретен граничен премин, кога тоа е неопходно за повторно воспоставување на нормалниот проток на патници, пишува во соопштението од грчката полиција.

На можноста за делумна суспензија на системот, без земање биометриски податоци се осврнува заменик-министерот во одговорите од 21 мај на другите две пратенички прашања.

Објаснува дека до 8 јули 2026 година во исклучителни околности при зголемен сообраќај на граничните премини, системот за влез/излез ЕЕС, може да се користи без земање биометриски податоци, а овој рок може да биде продолжен до 6 септември 2026.

Европската регулатива дава можност при зголемен сообраќај, системот ЕЕС да функционира без земање биометриски податоци

Заменик-министерот за заштита на граѓаните на Грција во одговорите на пратеничките прашања во однос на ЕЕС системот се повикува на европската регулатива 2025/1534, која доколку се анализира, го објаснува детално конкретниот систем, начинот на употреба, задолжителните рокови, додека пак членот 7 се однесува токму на суспензијата и кога државите можат привремено и делумно да го прекинат користењето на ЕЕС.

Поконкретно, оттука произлегуваат и датумите 8 јули и 6 септември што ги споменува надлежниот министер, со оглед на тоа што е објаснето дека ако по истекот на преодниот период на имплементацијата (10 април 2026 година), доколу помалку од 80 отсто од записите во ЕЕС содржат биометриски податоци, на земјите им се дава дополнителен период од 90 дена со можност за делумна суспензија, период што автоматски се продолжува за уште 60 дена.

– Во период од 90 дена по завршувањето на постепеното започнување на работата на ЕЕС, државите-членки можат делумно да ја суспендираат работата на ЕЕС на одреден граничен премин за најмногу шест часа, во исклучителни околности што доведуваат до сообраќај со таков интензитет што времето на чекање на граничниот премин станува прекумерно. За време на таквата делумна суспензија, државите членки се ослободени од обврската утврдена во член 21 став 1 од Регулативата (ЕУ) 2017/2226 во однос на регистрацијата на биометриските податоци. Државите членки без одлагање, а најдоцна во рок од шест часа од почетокот на делумната суспензија, ја известуваат Европската комисија и eu-LISA за причината за суспензијата и за нејзиното очекувано или реално времетраење. Доколку помалку од 80 отсто од индивидуалните досиеја регистрирани во ЕЕС за време на периодот на постепено започнување на неговата работа содржат биометриски податоци, периодот од 90 дена наведен во став 3 автоматски се продолжува за дополнителни 60 дена, пишува во европската регулатива.

ЕЕС системот донесе гужви и повеќечасовни чекања на аеродромите низ Европа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот