Летото пред врата, турканиците на границите растат – се бараат итни олеснувања поради системот ЕЕС
Македонија и земјите од регионот водат билатерални преговори со земјите членки на Европската Унија со цел да се преземат чекори за решавање на проблемот со метежот на граничните премини, кој е најизразен за време на летната сезона
Земјите од регионот, во тесна соработка со Европската Унија и нејзините земји членки преземаат чекори за решавање на проблемот со метежот на граничните премини, кој е најизразен за време на летната сезона, информира министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Како што посочи тој, постои подготвеност од земјите членки на ЕУ да покажат флексибилност кон регионот.
Препорачано
– Очекуваме во летниот период, кога фреквенцијата е најголема, да се преземат соодветни мерки за намалување на метежот – изјави Муцунски и додаде дека сè уште нема официјално потврдени одговори за конкретните решенија, поради што е рано да се споделуваат детали.
Според Муцунски, најавите и пишувањата во српските медиуми дека Грција ќе воведе олеснувања за српските туристи, односно дека по примерот на британските туристи, тие ќе бидат изземени од новиот систем за влез и излез (ЕЕС), се политичка естрада.
Политичка естрада
Имено, според зборовите на генералната конзулка на Србија во Солун Јелена Вујиќ Обрадовиќ, иако нема да има официјален документ што би ја потврдил суспензијата на ЕЕС меѓу Грција и Србија, постојат ветувања и уверувања засновани на добрите односи меѓу двете земји, дека системот ќе биде суспендиран за граѓаните на Србија во периодот од 1 јуни до 30 август.
– Би можел да потврдам само дека со повеќе земји членки на Европската Унија со кои граничи регионот на Западен Балкан имаме дискусии и очекуваме во летниот период кога ќе има поголема гужва да се преземаат соодветни мерки. Она што можеме да го споделиме е, прво – дека имаме разговори и на највисоко ниво и на технички и административни нивоа и исто така дека постои подготвеност од земјите членки на Европската Унија да се покаже флексибилност кон регионот. Сето друго што се чита по медиумите е политичка естрада – изјави Муцунски.
Информацијата дека се преговара на билатерално ниво ја потврди и премиерот Христијан Мицкоски. И тој, како и Муцунски, изјавите од соседството ги нарече политичка естрада.
– Има политичари од соседството што сакаат политиката да ја направат естрада, јас немам таква намера, јас сакам да зборувам за работи што ќе се случат. Инаку, да, се водат преговори и врз основа на тие преговори ценам дека на основа на билатерално ниво ќе бидат надминати овие пречки, но не само за летниот период, зборувам генерално, ние бараме генерално решение – наведе Мицкоски.
Празничниот метеж го активираше алармот
Воведувањето на новиот ЕЕС-систем за влез и за излез од земјите на Европската Унија, кој официјално стапи во сила на 1 април, создаде големи метежи на граничните премини бидејќи секое преминување на надворешните граници на Шенген-зоната се врши со електронска евиденција и биометриска проверка, со фотографирање и земање отпечатоци од прсти.
Кулминација на метежот имаше за 1 Мај. По изминатиот продолжен викенд, особено во попладневните и вечерните часови, илјадници туристи враќајќи се кон дома, предизвикаа огромни километарски колони. Според информации и сведоштва на патници објавени на социјалните мрежи, најголем метеж бил регистриран на преминот Евзони-Богородица, каде што чекањето достигнало од три до пет часа, а сообраќајот се одвивал бавно.
Туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) неодамна упати барање до грчкото Министерство за туризам привремено да ја одложи примената на системот ЕЕС на граничните премини за македонските државјани во текот на летната сезона.
Незадоволство и кај земјите членки на ЕУ
Освен за земјите што се надвор од Шенген-зоната, незадоволни од примената на новиот систем се и некои земји членки на ЕУ. Откако Грција привремено ги суспендираше до септември новите правила на ЕЕС за британските туристи, Португалија и Италија се следните популарни туристички дестинации за кои се очекува привремено да ги суспендираат контроверзните нови гранични контроли на ЕУ за да се избегне хаос за време на претстојните училишни распусти, објави „Дејли мејл“. Шпанија, Франција и Хрватска би можеле да го следат примерот. Суспензија на системот бараат и авиокомпаниите.
Шејмус Меколи, од туристичката компанија „Холидеј екстрас“, во изјава за „Дејли мејл“ вели дека многу земји нема да имаат друг избор освен да ги прекршат правилата на ЕУ за да ги заштитат средствата за живот на своите граѓани што зависат од туризмот.
– Земјите нема да седат со скрстени раце и да гледаат како Грција ги одзема нивните туристи само затоа што патниците таму не се соочуваат со доцнења поради ЕЕС. Тоа би било политички катастрофално бидејќи работните места се во прашање. Воведувањето на системот е целосен неуспех. Британските туристи носат 3,5 милијарди евра годишно во грчката економија и Грција со право одлучи да не го загрози тоа поради неисправен ЕЕС – рече Меколи.
Туристичките експерти веруваат дека Брисел е практично немоќен да преземе мерки против Грција и земјите што би можеле да го следат примерот.
„Имаме прекрасни езера и планини“ – Мицкоски ги повика граѓаните да летуваат во Македонија


