ФОТО | Хари Стајлс влезе во Гинисовата книга на рекорди — одржа 12 распродадени концерти на „Вембли“ во Лондон
Британската поп-ѕвезда Хари Стајлс влезе во Гинисовата книга на рекорди откако одржа 12 последователни распродадени концерти на стадионот „Вембли“ во Лондон.
Препорачано
Со тоа, 32-годишниот пејач го постави рекордот за најдолга концертна резиденција на еден музичар на легендарниот стадион, надминувајќи го претходниот рекорд на „Колдплеј“, кои во 2025 година настапија десет вечери по ред.
„Рекордната серија од 12 концерти на Хари Стајлс е доказ за размерот, амбицијата и културното влијание на неговите настапи во живо, како и за неверојатната поврзаност што ја има со своите обожаватели“, изјави судијата на Гинисовата книга на рекорди, Вил Манфорд.

Лондонскиот дел од турнејата „Together, Together“ започна на 12 јуни, а завршниот концерт се одржа во саботата пред околу 80.000 посетители.
За време на последниот настап, Стајлс емотивно им се заблагодари на своите поранешни колеги од групата „Уан дајрекшн“.
„Не би стоел на оваа сцена доколку не беа четворица мои пријатели, кои беа огромен дел од ова патување. Сакам да им се заблагодарам на Најл, Луис, Зејн и мојот драг пријател Лијам за овие години, за сè што научив и за нашето пријателство. Ништо од ова немаше да биде возможно без вас. Ви благодарам од срце“, рече пејачот.

„Уан дајрекшн“ беше формирана во 2010 година во музичкото шоу „Икс фактор“, а групата замина на неодредена пауза во 2016 година. Нивниот член Лијам Пејн почина во 2024 година, на 31-годишна возраст.
Стајлс ги потсети присутните дека токму пред 16 години, во близина на „Вембли“, бил избран да стане дел од бендот што му го променил животот.
„Секојпат кога поминувам низ ова место ме преплавуваат спомени. А секое враќање на „Вембли“ ми значи неизмерно многу. Ви благодарам“, им порача тој на фановите.

Пред последниот концерт, стадионот „Вембли“ откри комеморативен банер во чест на новиот рекорд на пејачот, со пораката: „12 концерти. Еден рекорд. Место во историјата на „Вембли“.“
Поради огромниот интерес, првично планираните шест концерти беа проширени на вкупно 12 настапи. Во рамките на актуелната турнеја, Стајлс настапува само во Лондон, без концерти во други британски градови.
По Лондон, турнејата продолжува во Бразил, Мексико и САД, а ќе заврши во Австралија во декември.


