Ми побараа 1.600 евра само за сместување на Халкидики — за тие пари се оди во Шпанија, се жали лут Македонец на „Фејсбук“
Граѓанин е шокиран од високите цени за сместувањето на Халкидики. Тој на „Фејсбук“ напиша дека за истата цена која му ја побарале на Халкидики, можел да летува во Шпанија.
Препорачано
Љубиша Стефановски, преку објавата го сподели своето разочарување откако побарал понуда за апартман со една спална соба во Полихроно, Ханиоти или Пефкохори за периодот од 5 до 15 јули.
„Се јавувам да прашам за апартман со една спална соба во Полихроно, Ханиоти или Пефкохори за периодот 05.07–15.07. Одговорот? 160 евра од ноќ! Значи 1.600 евра само за спиење!“, напиша Стефановски.
Според него, проблемот не е само во цената, туку и во тоа што голем дел од сместувачките капацитети, како што вели, не нудат услови што ја оправдуваат сумата.
„Не зборуваме за луксузен хотел со пет ѕвезди, туку за апартмани стари 30-40 години, каде со децении не е закована ни една шајка. Мебел од минатиот век, бањи што плачат за реновирање, а за клима – доплати. Плус туристичка такса, лежалки, паркинг, гиро, сладоледи… На крај, летувањето лесно достигнува 3.000 евра“, додава тој.
Во продолжение, Стефановски вели дека цените на Халкидики веќе не се конкурентни во споредба со други популарни туристички дестинации.
„Па до каде ќе оди ова дерење? Навистина мислат дека се некакви Малдиви? Народот убаво вели: ‘Видела жабата коњот како се потковува, па и таа дигнала нога.’ Така и дел од сопствениците на апартмани на Халкидики ги кренаа цените до небо, а услугата остана иста, ако не и полоша.“
На крајот од објавата, тој наведува дека за истиот буџет денес може да се организира летување во други европски земји со подобри услови.
„За тие пари денес можеш да летуваш во Шпанија, Италија или на многу други места и да добиеш неспоредливо подобри услови. Јас веќе не гледам ниту една причина да одам таму. Вие би дале 1.600 евра само за апартман во Полихроно, Ханиоти или Пефкохори?“, прашува Стефановски.
Неговата објава време привлече големо внимание на социјалните мрежи, и доста коментари.
„За тие пари сè вклучено во Тунис отидов на 14 дена, 3 члена фамилија со чартер, ем те гледаат ко цар.Таму уште 200 долари што потрошив“, вели еден коментар.
„Причината за високите цени не се цените на Халкидики, туку тоа што букирањето оди преку две, три, па и повеќе агенции, а секоја додава по 200 и повеќе евра провизија.
Ние вчера стигнавме во Пефкохори и за 650 евра добивме катастрофално сместување. Се испокаравме и сами побаравме сместување, прашувајќи по продавниците на главната улица.
Веднаш најдовме апартман за пет лица со две спални соби, голема кујна, пространа дневна соба и две тераси. За климата не ни побараа доплата, а целото сместување за седум дена нѐ чинеше 420 евра“, се вели во друг коментар.


